Концертна промоција на „Ехо“ – првиот албум на Зарина Првасевда

Пејачката со магичен глас Зарина Првасевда утревечер во 20 часот на сцената на Филхармонијата, ќе го одржи својот прв концерт, на кој ќе го промовира својот студиски албум „ЕХО“. Албумот е составен од 11 традиционални песни од Балканот, спакувани во нови и уникатни аранжмани.
Станува збор за традиционална музика со џез елементи, која на моменти потсетува на филмска музика, а е отпеана на македонски, албански, турски, српски и на бугарски јазик.

– Едноставно ја имав идејата и сакав да ја споделам таа музика што ја носам во срцето. Овој албум го создадовме на начин кој верувам ќе допре до помладата публика, до публиката која што најверојатно не би имала шанса и прилика да ја спознае традиционалната музика. Короната малку нè разниша, но можеби тоа беше добро, бидејќи ако тргневме со брзина на светлината, како што и бев решена, немаше да биде толку магично и убаво – изјави Првасевда.

Зарина ќе биде придружувана од нејзиниот ансамбл во состав: Филип Димишковски, Ратко Даутовски, Дејан Цветковски, Драган Теодосиев, Благојче Трајковски, Тони Арслан, Пенче Кралев, Филип Михајловски, Дејвид Демир. Како специјални гости на концертот ќе настапат Васил Хаџиманов, Александар Петров и Перија, како и други нејзини пријатели и колеги.

Сподели