Концертна промоција на албумот Keyf на Васил Хаџиманов Бенд во МНТ

Еден од највлијателните jazz fusion состави на Балканот, Васил Хаџиманов Бенд, ќе го претстави својот нов студиски албум со наслов „Кејф“ (Keyf) вечерва во 20 часот Македонскиот народен театар. Оваа исклучителна група музичари веќе долги години ја воодушевува публиката ширум светот со својот единствен звук и енергија, а нивниот нов албум повторно ни носи интересни музички гости, иновативни аранжмани, автентична звучна естетика и како и досега, креативни експерименти со различни музички стилови и ритми.

Албумот Keyf е осми студиски албум на бендот и објавен е во дигитален и цеде-формат во издание на Croatia Records. Содржи девет песни продуцирани од Васил Хаџиманов, Марко Периќ и Тони Китановски. Музичките нумери како насловната „Keyf“, но и „Gypsy“, „Afghan Samba“, „Helidoro’s Recipe“, „Mente Pura“, ќе ги потсетат сите љубители на добрата музика на тоа зошто Васил Хаџиманов Бенд својата музика ја изведува на сцените ширум светот и зошто токму нивната музика во Србија е прогласена за уметничко дело со национална вредност. Снимањето и продукцијата на албумот се: Gdi For The Arts i Croatia Records.

Васил Хаџиманов е музичар со единствен сензибилитет. Како пијанист, композитор, аранжер и педагог, тој е незаменлива врска на регионалната џез сцена и поединец кој во себе носи дел од своите предци кои, секој на свој начин ги обележија музичките простори на Балканот.
Потпирајќи се на богатото искуство во областа со фолклорот, Васил Хаџиманов е автор кој правилно ја сфати пораката од своите предци и таа инспирација ја преточи во автентичен музички исказ.

Хаџиманов, воедно и пијанист, композитор, аранжер и педагог, истакна дека уживал додека го снимале албумот и дека е задоволен како испаднал.

– Комбинирањето балкански традиционален, народен ритам и западен, модерен стил на музика (џез, фанк, рок, прогресивна, светска музика…) е целосно автентична во нашата музика и е единствен пристап кон џез-музиката“, истакна денес, Хаџиманов.

Тој им се заблагодари на прекрасните луѓе што воопшто помогнале да се случи овој албум: старите членови на бендот Бојан Ивковиќ и Бранко Тријиќ, специјалните гости Марта Хаџиманов, Љубомир Милановиќ, Александар Петров, Газменд Бериша, Тони Китановски, новите членови на бендот – Растко Обрадовиќ и Ратко Даутовски, кои ќе го изведуваат овој материјал, заедно со Мирослав Товирец и Виктор Филиповски.
Хаџиманов последен пат настапи во Скопје минатата година во организација на „Авалон“ која на сцената собра познати гости како Бисера Велетанлиќ, Калиопи, Коле Ангеловски, Никола Ристановски, Сашо Гигов – Гиш, Марта Хаџиманов и Виктор Тумбас. Тој концерт ќе остане запаметен.

Сподели