Концерти на Soothsayer и „Фолтин“ вечерва во Прилеп

На малата сцена на Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп, во рамките на Прилепски џез викенд, во 21 часот ќе настапи бендот Soothsayer. Бендот го сочинуваат тројца млади, но веќе етаблирани музичари кои ја истражуваат класичната сакс-бас-тапани трио музичка форма, и многу се забавуваат додека го прават тоа.Н ивниот звук може да се опише како суров, енергичен и ризичен со разновиден опсег на влијанија во Post Bop, Hard Bop, Free Jazz и многу повеќе. Членови се: Ленарт Де Бок – тенор и сопран саксофон, Милош Чоловиќ – контрабас и Себастијан Баумгартнер – тапани и перкусии.

Во вториот дел од вечерта, во 22.30 часот, следува настапот на милениците на прилепската публика, „Фолтин“ – македонскиоте бенд активен од 1995 г. Музиката на Фолтин тешко се дефинира, звукот непредвидлив и предизвикувачки, надреален, страстен и духовит, динамичен и полн со изненадувања, спојувајќи многу жанрови како алтернатива, светска музика, фанк, електро акустична, џез и други. Нивната музика е свежа, топла, бескрајно имагинативна и има моќ да ги натера луѓето да се чувствуваат прегрнати и воздигнати.
Учествуваат: Пеце Николовски – кларинет, хармоника, перкусии, ефекти, Бранислав Никодлов – глас, гитара, Пеце Трајковски – Брада – гитара, хармоника, клавир и перкусии, Гоце Јованоски – бас и Славчо Јовев – тапани.

Сподели