Концерт посветен на Томислав Зографски и Стојче Тошевски ќе се одржи вечерва во 21 часот во охрислата цтква „Св. Софија“ во рамките на фетсивалот Охридско лето. Ќе настапат пијанистите Анастасија Грговска и Шкељзен Бафтиари и Васил Богоевски на виолина. На програмата се „Соната за две пијана“ од Тошевски и „Рапсодија за виолина и пијано оп. 103“ и „Соната за две пијана“ од Зографски.
Анастасија Грговска е родена во Куманово каде го започнува своето музичко образование во класата на проф. Драган Грговски, а го продолжува во класата на проф. Славица Мицовска. Во 2013 година дипломира со највисока оценка Кум Лауде на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Марија Ѓошевска. Добитничка е на голем број награди и признанија на државни и меѓународни натпревари. Зад себе има солистички концерти во Куманово, Скопје и Прокупље, концерти со камерни состави и настапи на реномирани фестивали.
Шкељзен Бафтиари дипломира со највисоки оценки Кум Лауде на ФМУ во класата на проф. Борис Романов, а постдипломските студии ги завршува во класата на Симон Трпчески. Пијано почнува да учи од 10 годишна возраст со проф. Симона Зафировска во ДМУ „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Тетово, а основното и средното музичко образование ги завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во класата на проф. Људмила Романова. Добитник е на бројни меѓународни награди во Париз, Рим, Торино, Пловдив, Благоевград и Белград.
Васил Богоевски (Велес, 2001) почнал да свири виолина на 7-годишна возраст, инспириран од својата мајка. Основното музичко образование го завршува во ООМУ ,,Стефан Гајдов“ во Велес, во класата на наст. Марија Богданоска. Продолжува да се школува на ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје во класата на проф. Билјана Весковска. Високото образование го започнува на Конзерваториумот „Д-р Хох“ во Франкфурт, Германија, во класата на д-р Фабиан Ризер, а дипломира на Факултетот за музика во Мајнц, во класата на проф. Ливиу Каслеану. Учествувал на натпревари и е добитник на бројни награди во Македонија, Бугарија, Србија, Романија, Молдавија, Украина, Словенија, Италија, Австрија, Малезија.