Во Камерната сала на Македонската филхармонија задутре (5 септември) во 20 часот концерт ќе одржат No Borders Orchestra, ансамбл во кој членуваат музичари од поранешните југословенски републики. Концертот е дел од нивната турнеја Turning Point.
No Borders Orchestra веќе една деценија ги надминува етничките, религиозните и националните разлики преку музиката, како пример за единство во различноста. Во 2023 година ја доби наградата Шампион на регионална соработка именувана по д-р Ерхард Бусек, која ја доделува Советот за регионална соработка и австриското Министерство за надворешни работи. Воедно ги сними своето прво издание за Universal Music под етикетата Deutsche Grammophon што зборува за уметничкиот квалитет на ансамблот.
Овој настап ќе биде нивни прв настап во Македонија. Програмата ќе вклучува дела компонирани за гудачки ансамбл, дела од Арнолд Шенберг, Рихард Штраус и Густав Малер и изведби на четири дела од водечки млади регионални композитори нарачани од No Borders Оrchestra. Публиката ќе има можност да ги чуе композициите на Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Винче (Хрватска), Марко Никодијевиќ (Србија), а покрај нив, програмата ќе го вклучи и делото на македонската композиторка Дарија Андовска.
Концертот е поддржан од: Sigrid Rausing Trust, European Fund for the Balkans, Австриската амбасада, Словенечка амбасада, ЕВН и Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Аустриа ДОО Скопје.
Фото: Карло Чаргоња





