Концерт на Зарина Првасевда во „Јавна соба“ во Скопје

Како дел од сесиите „Светско, а наше – Саботи на светска музика“, во „Јавна соба“ в сабота во 21 часот ќе се одржи концерт на Зарина Првасевда заедно со нејзиниот ансамбл. Зарина кон крајот на минатата година беше победник на UpBeat – Best New Talent Award 2023 на интернационалната UPBeat платформа, а нејзиниот деби албум ЕХО, кој е отпејан на 4 јазици е издаден за една од најголемата издавачка куќа на Балканот – Croatia Records.

Ансамблот на Зарина Првасевда се состои од исклучителни музичари, со високи достигнувања и сериозен придонес кон музичкото творештво, музичко – сценската дејност, издаваштвото во Македонија, во различни правци и насоки од областа. Двајца членови на ансамблот се прогласени за најдобри џез музичари и тоа Андреа Мирческа 2020, а во 2023 година добитник на престижната награда е Драган Теодосиев. Повеќето од нив се бават со педагошка работа и музичка едукација на млади, а имаат и вложено сериозен и долгогодишен труд во градењето и создавањето на голем дел од актуелната сцена во Македонија, а се разбира голем дел од таа музика била изведувано и надвор од границите на Македонија.

Во портфолиото на Зарина има бројни соработки и вокални аранжмани со голем број на домашни и странски музичари, современ танц, како и филмски проекти, а својата музика концертно ја има претставено на реномирани фестивали во Франција, Унгарија, Хрватска, Бугарија и секако Македонија. Албумот „Ехо“ во 2022 година беше дел од топ 10 најслушани албуми на Балканската светска музичка листа.

Сподели