На археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија утревечер во 19 часот ќе се одржи концерт. Ќе настапи врвниот мајстор Џенгис Ибрахим кој ќе изведе своја музика на инструментот канон. Древните звуци на овој инструмент ќе создадат посебен амбиент во рамки на локалитетот и ќе интерактираат со мистичните одблесоци на неолитската населба.
Традиционално при крајот на археолопките ископувања, Центарот за истражување на предисторијата во соработка со Прилепскиот џез викенд организира концерт чија цел е афирмација на локалитетот Врбјанска Чука. Концертот е последна етапа од археолошките истражувања спроведени месецов.
Годинашните истражувања кои се одвиваат веќе 8-ма година, биле особено плодни и донеле бројни нови откритија што ги надополнииваат сознанијата за оваа неолитска населба формирана пред повеќе од 8.000 години.
– Откривме цела нова градба и објект во кого има десетина големи амбари и помали сандачиња за чување и обработка на житарици, што е досега единствена ваква појава на Балканот, но и во Европа. Во ѕидовите на една од градбите откривме погребано новороденче, обред поврзан со регенеративниот карактер на неолитските куќи и кој е воедно прв од овој вид во Пелагонија. Освен овие фасцинатни откритија, пронајдени се фрагменти од фигурини, жртвеници, антропоморфни модели, сликани садови, врвови за стрели, камени орудија и садови, што укажува на богатиот опус на материјална култура користена при секојдневните активности и обредите – велат од Центарот.
Мултидисциплинарните истражувања се во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Заводот и музеј од Прилеп и Универзитетот во Базел. Тие продолжуваат и понатаму со кабинетски анализи на археолошките наоди и органските остатоци, а кои ќе се публикуваат и презентираат во повеќе научни списанија и меѓународни конференции. Теренските и кабинетските истражувања се финансиски подржани од Фондот за истражување и заштита на предисториските тумби од Германија, македонското Министерството за култура, Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел.
Фото: Раул Сотерас