„По избор на уметникот“ е насловот на концертот на сопранот Весна Ѓиновска-Илкова и пијанистката Кристина Светиева кој вечерва во 20 часот ќе се одржи во Музејот на македонската борба. На програмата се дела од Ристо Аврамовски, Трајко Прокопиев, Стојан Стојков, Томислав Зографски, Тодор Скаловски, Сотир Голабовски, Александар Џамбазов, Јана Андреевска и Борис Светиев. Концертот се одржува во рамките на 45. издание на „Денови на македонската музика“.

Весна Ѓиновска-Илкова е водечки македонски оперски драмски сопран, певица чии што изведби се карактеризираат со софистицирано пијано, беспрекорна вокална техника, огромна музикалност, харизма и изразено сценско присуство. Студирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје (класа на проф. Милка Ефтимова), додека магистерските студии ги завршува во класата на проф. емеритус Радмила Бакочевиќ. Нејзиното деби на сцената на Македонската опера и балет во 1996 година во улогата на Михаела во „Кармен“ добива одлични оцени, а критичарите ја истакнуваат нејзината извонредна легато техника. Илкова своето деби на меѓународната сцена го остварува во 2001 година во Националната опера на Софија во комплексната улога на Елизабета во „Дон Карло” од Верди. По успешниот настап на бугарската сцена, ја толкува улогата на Тоска во истоимената опера на Пучини. Ѓиновска-Илкова ужива богата домашна и меѓународна кариера, а досега настапувала во Данска, Хрватска, Словенија, Бугарија во постановките на „Аида“, „Отело“, „Турандот“, „Мадам Батерфлај“”, „Симон Боканегра“, „Атила“, „Моќта на судбината“, „Бал под маски“, „Лидија од Македонија“”.

Кристина Светиева е една од најталентираните македонски пијанистки од помладата генерација која низ годините развива широка концертна дејност. Пијано започнува да учи и да настапува на шест годишна возраст. Дипломира во 2006 год. со одлика cum laude на ФМУ во Скопје (класа на проф. Тодор Светиев), а магистрира во 2008 год. под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2010 година ја завршува својата двегодишна специјализација на реномираната музичка академија во Париз „Schola Cantorum” каде работи под менторство на проф. Жени Захариева. Во април 2014 год. докторира на ФМУ во Скопје, под менторство на проф. Жени Захариева. Кристина Светиева успешно настапува на подиумите низ Македонија (фестивалите „Охридско Лето“, „Скопско Лето“, „Денови на Македонска Музика“) и надвор од земјата (Турција, Италија, Франција, Бугарија, Шведска, Холандија, Хрватска, Чешка, САД). Носител е на повеќе високи државни и меѓународни награди и признанија.

Дуото Ѓиновска-Илкова – Светиева во изминатите години соработка има реализирано бројни успешни камерни настапи на концертните подиуми во земјата и во странство. За нивните заеднички интерпретации, критиката се огласува со позитивни оцени, истакнувајќи ја непосредноста, топлината, долгите легато фрази и драматичната чуствителност во вокалната техника на Ѓиновска, подвлечени со експресивноста, студиозноста и сигурноста на хармонската придружба на Светиева, создавајќи единствена уметничка симбиоза.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.