Концерт на светски познатиот виолинист Роман Симовиќ за жртвите во Кочани

Светски познатиот виолинист Роман Симовиќ, концертмајстор на Лондонскиот симфониски оркестар, ќе одржи хуманитарен концерт во Скопје за жртвите и повредените во стравотниот пожар во дискотеката во Кочани. Тој ќе настапи во придружба на FAME’S Институт на 29 април (20 часот) во камерната сала на Македонската филхармонија. На програмата е Концерт за виолина и Симфонија бр. 7 од Лудвиг ван Бетовен.

– Обединети преку музиката за добротворна цел – поддршка на семејствата на жртвите и повредените од трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани. Трагедија која ја потресе Македонија, регионот и светот. Овој концерт не е обичен настан – тој е интимно музичко доживување со ограничен број на места, каде што публиката ќе има ретка можност да ужива во генијалноста на еден од највлијателните виолинисти на нашето време, Роман Симовиќ – велат организаторите.

Концертот се одржува во соработка со Црвениот крст во нашата земја. На концертот ќе бидат поставени и пунктови за дополнителна доброволна донација, за сите што сакаат да придонесат уште повеќе. Парите од продадените билети ќе бидат донирани на фондот за поддршка и помош на Кочани.

Роман Симовиќ има брилијантна кариера. Настапувал во „Карнеги Хол“, големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“, салата „Марински“ во Санкт Петерсбург, Операта во Тел Авив, салата „Викторија“ во Женева, со водечки светски оркестри и маестра како Валери Гергиев, Антонио Папано, Гиљермо Гарсија Калво и други. Добитник на престижни награди. Како солист настапува со водечки оркестри во светот. Тој е визитинг професор на Кралската академија во Лондон и има огромно искуство како педагог. Често е раководител на мајсторски курсеви во САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија, Италија, Шведска, Швајцарија.Има издадено бројни цедеа, но се издвојуваат четири на кои тој е уметнички раководител на гудачите на Лондонскиот симфониски оркестар снимени за ЛСО-лајв, како и неговото цеде со Виолинските каприси од Паганини за соло виолина. Симовиќ свири на автентична виолина Страдивариус од 1709 година, позајмена од Јонатан Моулдс.

Заедно со Симовиќ, на сцената ќе настапат и извонредни млади музичари од FAME’S Institute, дел од европскиот проект FAME’S Project, ко-финансиран од Creative Europe Programme на ЕУ – уникатен оркестарски образовен модел за класична, филмска, медиумска и кросовер музика.

Билети може да се набават на линкот.

Насловна фотографија: Архива

Сподели