Концерт на „Симпли квартет“ на Охридско лето

Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва во 21 часот концерт ќе одржи „Симпли квартет“ со музичари од Кина, Норвешка и од Австрија. Ќе настапат: Данфенг Шен и Антониа Ранкенсбергер на виолина, Ксианг Лју на виола и Иван Валентин Холуп Роалд на виолончело. На програмата се Ј. Хајдн: Гудачки квартет бр. 1 оп. 76, Б. Барток: Гудачки квартет бр. 6 SZ 114 и Ф. Шуберт: Гудачки квартет D 810 „Смртта и девојката“.

„Симпли квартет“ е еден од најперспективните квартети од новата генерација и во него членуваат музичари од три различни националности. Иако членовите се релативно млади, тие веќе се здобиваат со одлична репутација на светската камерна музичка сцена. Постојано ја истражуваат музичката литература барајќи дела кои ќе го претстават нивниот уникатен музички израз: од класични до современи дела за квартет. Посветуваат огромен труд на комбинирање на трите многу различни култури кои секој од членовите ја носи, на тој начин развивајќи единствен музички јазик, истражувајќи дела од нивните земји и продлабочувајќи ја филозофијата на звукот.

Квартетот е оригинално основан во Шангај под раководство на Јенсе Хорн-Син Лам. Се селат во Виена и на Институтот „Јозеф Хајдн“ при Универзитетот во Виена студираат како ансамбл со Јоханес Мејсл кој е нивни најзначаен ментор по преселбата во Австрија. Квартетот добива значајно искуство низ годините поминати на Европската академија за камерна музика.

Досега се добитници на први награди на значајни меѓународни натпревари како „Карл Нилсен“ во Копенхаген, натпреварот „Квартети во Бордо“ во 2019 година, „Франц Шуберт и модерната музика“ во Грац во 2018 година и во 2017 година победуваат на натпреварот за камерна музика „Јозеф Хајдн“ во Виена.

Во сезоната 2021/22 квартетот е еден од избраните ансамбли на наградата ЕХО за „Ѕвезди во подем“ која им овозможува концертни настапи во „Бозар“ во Брисел, во Баден- Баден и „Концертгебау“ во Амстердам. Композиторката Јулија Лахершторфер пишува дело специјално за квартетот, а тие меѓу останатото ќе дебитираат во салата на Берлинската филхармонија, и во „Филхармонијата“ во Париз. Во Виенскиот „Концерхаус“ квартетот е дел од програмата „Големи таленти“, каде покрај концертите тие добиваат поддршка од истакнати уметници кои се дел од оваа програма.

Сподели