Романскиот контрабасист Петру Иуга, еден од најуспешните музичари од неговата генерација, ќе настапи вечерва во 21 часот во црквата Св.Софија во Охрид. Него ќе го придружува неговиот сограѓанин, пијанистот Хориа Михаил.

Петру Иуга е носител на бројни признанија од светските натпревари за контрабас што му овозможува светска кариера и гостувања како солист со престижни европски оркестри меѓу кои и Лондонскиот симфониски оркестар. Работи како професор на Универзитетот во Манхајм и е гостин предавач на Високата школа за музика во Лозана (Швајцарија).  Одржува бројни мајсторски курсеви низ целиот свет во Русија, Италија, Португалија, Израел, Јапонија, Уругвај, Кина и Канада. Снима неколку ЦД-а како камерен музичар и често соработува со врвни музички имиња. Неговиот изум „Ерго бас“ го користат многу музичари во светот и тој е еден вид потпора за контрабасистите кој им помага да свират во ергономска и физички подобра позиција.

Хориа Михаил дебитирал со оркестар на 10-годишна возраст во неговиот роден град Брашов, а до денес настапува како солист со сите оркестри во Романија, вклучително и Филхармонијата „Жорж Енеску“ и оркестарот на Романското радио. По студиите на Музичката академија во Букурешт тој заминува во САД каде ги завршува магистерските студии на Универзитетот во Илиноис работејќи со Иан Хобсон. Во 1999 година добива диплома и на Универзитетот во Бостон каде студира под менторство на Антони ди Бонавентура.

Покрај студиите по пијано,  тој е дипломец и на Колеџот за математика и физика во Брашов. Победник е на бројни натпревари и стипендиран е во целост на сите институции за високо образование кои ги посетува. Настапите го водат во повеќе од 24 земји на четири континенти, а истите се пренесувани на радио и ТВ во Романија, Белгија, Англија, Данска, Унгарија и САД. Во моментот тој е уметнички директор на Филхармонијата во Брашов, советник за култура на градоначалникот на Брашов и директор на фестивалот ТАМТАМ.

 

 

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.