Концерт на пијано дуото Гелебешеви на Охридско лето

Пијано дуото Гелебешеви ќе одржи концерт вечерва во 21 часот во црквата „Св. Софија“ во Охрид. На програма ќе бидат дела од Клод Дебиси, Франц Шуберт, Сергеј Рахмањинов, Дмитри Шостакович.

Во сферата на камерното музицирање, пијано – дуото „Гелебешеви“ од почетокот на своето дејствување во 2001 година, се наметнува како ансамбл со исклучително високо профилиран квалитет во уметничката изведба, што гради успешна концертна кариера во Македонија и на бројни интернационални подиуми ширум светот.

Дуото го сочинуваат двајца истакнати македонски пијанисти, Катерина Костадиновска -Гелебешева и Глигор Гелебешев. Тие поседуваат богати и разновидни уметнички сензибилитети, обединети во успешна хомогена целина – Пијано- дуо „Гелебешеви“ е препознатливо на концертната сцена по уникатниот творечки перформанс, специфичен за изразито талентирани и врвно подготвени уметници што со своите инспиративни интерпретации умеат да го задржат вниманието и на најпребирливата публика.

Репертоарот на дуото „Гелебешеви“ е селекција од колоритни дела со разновидна стилска и жанровска определба што најсликовито може да го претстави естетскиот афинитет на двајцата уметници. Со цел промоција на македонската музичка култура надвор од границите на својата земја, дуото особено внимание посветува на изведба на пиеси од современи македонски композитори. А транскрипциите на познати оркестарски и камерни дела, подготвени од пијанистот Глигор Гелебешев, специјално за дуото, несомнено на нивните настапи им даваат дополнителна творечка и креативна димензија.
За својата плодна концертна дејност пијано – дуото „Гелебешеви“ е добитник на највисокото признание на Сојузот на музичките уметници на Македонија, наградата „Златна лира“ во 2012 година. Имаат и соработка со повеќе медиумски куќи во Македонија и во странство и две цеде изданија.

-Високиот степен на техничката подготвеност, во спрега со уметничката емоционалност на двајцата пијанисти, претставува еден буен и чист звучен пејзаж, кој патува низ еден музички космос во кој нештата се идеално подредени… – пишува музичката рецензентка Васка Наумова – Томовска.

Сподели