Концерт на пијанистките Марија Ѓошевска и Славица Мицовска-Смилевска на Охридско лето

Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва во 21 часот концерт ќе одржат пијанистките Марија Ѓошевска и Славица Мицовска-Смилевска. На програмата за четирирачно пијано се дела од Едвард Григ, Волфганг Амадеус Моцарт и од Морис Равел.

Марија Ѓошевска е една од најистакнатите пијанистки во нашата земја. Дипломира, магистрира и докторира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф. Борис Романов. Добитничка е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Како солист и камерен музичар настапува на сите реномирани фестивали во Македонија, но и во САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција итн. Настапува како солист со македонската Филхармонија. Ѓошевска е редовен професор и раководител на катедрата за клавишни инструменти и харфа и раководител на трет циклус – докторски студии за музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје. Во моментот е член на Управниот одбор на Филхармонија како и член на Сојузот на музички уметници и на Сојузот на музички педагози на Македонија.

Славица Мицовска-Смилевска завршила основно и средно музичко училиште во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, дипломирала и магистрирала на одделот по пијано на Музичката академија во Софија, во класата на Проф. Жени Захариева. Во 2019 година ги завршува докторските студии на ФМУ под менторство на Захариева. Посетувала повеќе семинари кај истакнати професори и педагози. Учествувала на голем број натпревари на државно и меѓународно ниво, каде се стекнала со повеќе награди. Остварила концерти како солист, камерен изведувач и корепетитор во земјава, но и во Бугарија, Грција, Србија. Австрија, Малезија, Франција. Во моментот работи како редовен професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Сподели