Во рамките на фестивалот Охридско лето, во црквата „Св. Софија“ вечерва во 21 часот концерт ќе одржат Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки – виолончелист од Србија и нашиот пијанист Дино Имери. На програмата се дела од Бетовен, Шнитке, Шуман и до Рахмањинов.
Професионалната критика го оценува Драган Ѓорѓевиќ како една од најоригиналните уметнички личности на неговата генерација. Именуван како еден вид српски амбасадор на виолончелото, тој е основач на ансамблот „Вива чело“ и на фестивалот „Раванелиус“, ко-основач e на квартетот „Рубикон“ и уметнички раководител на „Чело фест“ во Белград. Роден во Србија, на шест годишна возраст започнува да изучува музика и виолина по методата Сузуки во Специјализираното музичко училиште за талентирани деца во неговиот роден град Ќуприја, а по само две години го менува инструментот и започнува да учи виолончело со проф. Реља Ќетковиќ. По студиите на ФМУ во Белград, го продолжува образованието на „Гилхол“ школата за музика во Лондон во класата на проф. Стефан Попов, а потоа и на Високата школа за музика во Есен (Германија) кај виолончелистот Јонг Чанг Чо од Кореја.
На млада возраст е именуван за професор по виолончело на ФМУ во Белград, каде паралелно со педагошката кариера континуирано се усовршува со челисти и музичари како: Миша Мајски, Борис Пергаментчкиов, Давид Григориан, Тобиас Куне, Давид Такено, Станислав Аполин и со камерните ансамбли „Велингер“, „Такач“, „Мелос“ и квартетот „Албан Берг“.
Лауреат и добитник на награди е на натпреварите за виолончелисти „Антонио Јанигро“, натпреварот на Музичка младина во Белград, како и на натпреварот „Орфеус“ и во Макрнеукирхен. Посветен на педагошката кариера, Ѓорѓевиќ е редовен професор на ФМУ во Белград, а одржува мајсторски курсеви во Кина, Шведска, Бугарија, Романија, Словенија и другите балкански држави. Свири на инструмент изработен од Џејмс и Хенри Бенкс во 1797 година.
Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти и професори. Со огромен успех настапува на престижни сцени низ светот, а неговите уметнички креации не ја оставаат рамнодушна публиката и критиката. Прогласен е за Најдобар уметник на УКИМ (признание кое се добива еднаш во кариерата) и рангиран е во десетте најдобри европски пијанисти. Лондон, Рим, Кан, Стразбург, Бари, Љубљана, Загреб, Белград, Софија се само дел од градовите вклучени во богатата концертна агенда каде Имери го прикажал својот “рафиниран квалитет на звукот, беспрекорна техника, инструментална култура и неверојатна слобода со еден неверојатен интерпретациски квалитет” (Е. Дочева, Kultura.bg), а соработува редовно со еминентни оркестри, диригенти, инструменталисти, пејачи, мултимедијални артисти и други. Со преку петнаесет години блескава концертна дејност позади себе, Дино Имери го пренесува своето знаење и искуство на младите како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност – Скопје при УКИМ. Членува во бројни стручни меѓународни комисии и жирија, а за својата хуманитарна дејност се здобил со признанието „Св. Мајка Тереза“.