Концерт на Музичка младина на Македонија со Борјан Цанев и Богдана Бушевска

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија под диригентската палка на Борјан Цанев и солистички настап на флејтистката Богдана Бушевска вечерва во 20 часот ќе одржат концерт во црквата „Св. Софија“ во Охрид. Концертот се одржува во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, постои 35 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска.

Борјан Цанев се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрирал на Државната музичка академија во Софија. Специјализирал диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде работи со реномираните диригенти: сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати, Јанош Фурст и сер Колин Дејвис. Од 2002 година е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент.

Богдана Бушевска го започнала музичко образование во музичкото училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово, а дипломира на ФМУ- Скопје во класата на проф. Страшо Темков. Во 2019 година се сели во Париз откако добива стипендија за високата школа за музика „Алфред Корто“ каде студира под менторство на проф. Михи Ким. Во 2020 година, покрај студиите на споменатата академија, започнува специјализирани студии за пиколо во класата на Ан-Софи Невес на Конзерваториумот „Моцарт“. Учествува на бројни државни и интернационални натпревари каде освојува повеќе награди и признанија. Во 2017 година по успешно положената аудиција станува редовен надворешен соработник во групата флејти на Македонската филхармонија.

Автор на фотографијата на Борјан Цанев: Маја Аракијева

Сподели