Концерт на Мухамед Ибрахими на 6 ноември

Гитаристот Мухамед Ибрахими ќе одржи концерт на 6 ноември во 20 часот во камерната сала на Филхармонијата. Гости на овој концерт на Мухамед ќе бидат Агни Авшар, Ратко Даутовски и Бобан Мирковски.

Мухамед Ибрахими е скромен, но маестрален на сцена. Го нарекуваат скриен гитарски бисер, а за секој негов концерт секогаш се бара место повеќе. Тој својата гитара (мандолина, саз итн.) ја третира на многу неконвенционален начин, доста интуитивен и инспиративен. Неговите композиции се автентична мешавина на повеќе музички стилови, како блуз, рок или амбиентален, но длабоко вкоренети во ориенталната (суфи) традиција и балканскиот фолклор. Овие храбри и елегантни комбинации честопати даваат неочекувани резултати среде уникатен и прекрасен звучен пејзаж. Исклучително импресивно за гледање/слушање во живо.

Мухамед Ибрахими го паметиме како гитарист на групата „Бла бла бла“, а многумина го познаваат и како творец кој практикува соработки со различни уметници. За себе вели дека е самоук, дека свири од својата 5 година на различни инструменти, но ако треба да бира, би ја одбрал гитарата. Има издадено два албума, Fly во 2014 и Devotion во 2019 година. Ова ќе биде втор негов солистички концерт оваа година, а веќе за следната година се подготвува нов материјал и нови соработки.
Концертот е во организација на Баги Комуникации.

Сподели