Во ерменската катедрала „Сурп Асдваѕаѕин“ во Бејоглу, Истанбул утревечер во 19 часот концерт ќе одржи реномираниот хор „Менада“ од Тетово. Настапот е дел од годишната програма на Македонскиот културен центар, во соработка со Асоцијацијата на Истанбулската филхармонија, по повод макеоднскиот државен празник „11 Октомври“. Настанот ќе и понуди на истанбулската публика ретка можност да ја доживее уметноста на овој традиционален македонски ансамбл. „Менада“ ќе исполни програма со духовна музика, како и изведба на популарни македонски народни песни, спојувајќи ги светите и традиционалните елементи на начин кој ќе ја отслика богатата културно-музичка ризница на Македонија.
Основан во 1981 година од маестро проф. д-р Ивица Зориќ, кој до денес го води хорот, „Менада“ изгради истакната репутација на меѓународната сцена. Во хорот членуваат талентирани женски гласови кои изведуваат обемен и разновиден репертоар. Со повеќе од 500 дела кои опфаќаат ренесансни, класични и современи композиции, но и изведби на македонски музички фолклор, духовни дела и евергрин композиции, „Менада“ прерасна во симбол на богатата хорска традиција на Македонија.
Во текот на својата историја, хорот има добиено бројни престижни награди и признанија на домашни и меѓународни фестивали, натпревари и концертни турнеи. Целта на концертот во Истанбул е да ги промовира силните културни врски меѓу Македонија и Турција, обезбедувајќи промоција на македонската уметност и наследство во странство.