Контрабасистот Ѓорги Цинциевски и пијанистката Марија Вршкова ќе одржат концерт вечерва во 21 часот во црквата „Св.Софија“ во Охрид. Интерпретациите на Цинциевски се високо оценети од музичката критика поради техничката виртуозност, но и поради исклучителната музичка експресија и страст со која тој му приоѓа на инструментот, а која резултира и со бројни аранжмани и транскрипции на дела за контрабас и камерни ансамбли. Цинциевски ги завршил студиите на Кралскиот колеџ за музика во Манчестер, каде дипломира и магистрира во класата на проф. Јиржи Худец и е назначен за негов асистент. Цинциевски е прв помлад асистент во класата за контрабас на овој факултет.

Соработува со некои од водечките музичари на денешницата, а свирел и во престижните оркестри: Филхармонијата на Би-би-си, оркестарот „Хале“, Филхармонијата во Малме, Радио-симфонискиот оркестар во Виена, Лондонските „Моцарт плејерс“, финската Лиепаја Филхармонија и многу други. Ангажманите како соло контрабасист и оркестарски музичар го носат на бројни престижни фестивали во Европа и Азија. Покрај неговата активност како солист и водач на секцијата контрабаси на филхармонијата во Малта, Ѓорги е активен и како педагог одржувајќи бројни мајсторски курсеви, работилници и соло концерти низ цел свет.

Ѓорги Цинциевски е основач и уметнички директор на фестивалот Меѓународни денови на контрабас кој се одржува во Валета, а од 2014 година е уметник-солист спонзориран од компанијата „Пирастро“ која изработува жици за гудачки инструменти.

Марија Вршкова дипломирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со највисоката оцена cum laude во класата на проф.Т.Светиев  и на истиот факултет ги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието добитник е на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а најзначајна  е третата награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим – Италија.

Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствен претставник на земјава во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти. Покрај неколкуте снимени ЦД-а со истакнатите македонски уметници: Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби, Страшо Темков,  во 2010, таа го снима и своето прво солистичко цесњ со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапува во повеќе земји.

Како врв на нејзината уметничка дејност е наградата за специјално уметничко достигнување, добиена од страна на интернационалното жири на интернационалниот натпревар „Охридски бисери“ во 2009 година, како и трите награди „Виртуози“ една за најдобар музички изведувач во 2013 година и две награди во категоријата најдобар камерен состав во 2015 и 2016 година. Марија Вршкова сега е доцент на ФМУ – Скопје.

 

 

 

 

 

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.