Камерниот ансамбл „Нонет+“ ќе одржи концерт под диригентство на Ангел Спироски, вечерва во 19 часот во свечената сала на Офицерскиот дом во Битола. Концертот е по повод 60 години Музичка младина на Македонија, Камерниот ансамбл „Нонет +“ е основан од Музичка младина на Македонија во 2019 година, составен е од млади музичари, а неговата цел е камерното музицирање да стане важен дел од репертоарот на младите уметници. Камерниот ансамбл изведува композиции од сите музички епохи, со посебен акцент на современата музика.
Ќе настапат музичарите: Дарко Гроздановски, Памела Велкова, Ивана Здравкова, Тамара Охомуш, Верица Ајтовска, Кристина Стојановска, Анеса Зајази, Магдалена Дрмач и Ивона Давидовска ќе изведат композиции од Тавенер, Бибер,Перт и Холст.
Ова е прв од редицата концерти што МММ ги планира за одбележување на јубилејот.
– Почнуваме од Битола, затоа што таму пред 60 години група млади музичари, ентузијасти, самоиницијативно ја основаa организацијата Музичка младина. Оттогаш па до денес, Музичка младина на Македонија е единствената национална невладина организација што работи со млади музичари и млади луѓе, развивајќи ја нивната креативност и поддржувајќи ја нивната првична јавна промоција во областа на музиката. Денес МММ е едно од најголемите културни движења во Македонија, полноправен член на Интернационална музичка Младина и носител на повеќе меѓународни проекти – вели Александар Герасимовски, претседател на Музичка младина на Македонија.
Концертот во Битола се одржува со поддршка на Општина Битола.