Во рамки на програмата на Скопско лето, вечерва во 20.30 часот во Сули ан во Скопје, ќе се одржи концерт на Георги Шарески трио. Овој концерт претставува интеркултурна музичка соработка, каде што триото на македонскиот гитарист и композитор Шарески се обединува со врвниот јапонски тапанар Акира Накамура, како и со истакнатиот контрабасист Оливер Јосифовски. Настапот нуди динамична комбинација на автентични авторски композиции, ритмичка прецизност, импровизација и бесконечен џез грув.
Програмата опфаќа внимателно избрани композиции кои ја истражуваат границата помеѓу современиот џез и традиционалната музика, исполнета со енергија, спонтаност и иновативност. Ова е прво гостување на Акира Накамура во Македонија – музичар со светска кариера, кој има соработувано со имиња како Хироми Уехара, David Fiuczynski и BIGYUKI.
Билетите се продаваат по цена од 400 денари, и можат да се набават: на влезот од Сули ан, на денот на настанот или онлајн преку платформата Купи карти.





