Концерт на Филхармонијата заедно со врвната пијанистка Јеол Еум Сон

Една од најдобрите млади пијанистки на светската музичка сцена Јеол Еум Сон од Јужна Кореја ќе настапи заедно со Филхармонијата вечерва во 20 часот. Концертот е насловен „Фрески” според истоименото музичко дело на македонскиот композитор Благоја Ивановски кое ќе биде изведено на овој концерт, заедно со Концертот за пијано и оркестар бр.2 и „Танцот на смртта” од Камиј Сен-Санс.

Светската критика ја оценува Јеол Еум Сон како врвна изведувачка со грациозна и безвременска интерпретација, кристален и разнобоен тон и возбудливи изведувачки перформанси. Важи за брилијантен вирутоз и за пијанистка која прави соврешен баланс меѓу енергијата и гравитацијата со својата изведба. На светските сцени настапува и како рецитален изведувач и како пијанист со најзначајните симфониски оркестари во светот. Нејзиниот репертоар е разновиден и еклектичен, таа изведува музика од Бах, Моцарт, од германските и руските романтичари, Вагнер, Шимановски, Лигети, Салонен…

Сашо Татарчевски

Настапувала со најдобрите светски оркестри, како што се Њујоршката филхармонија, оркестарот на театарот „Марински”, Чешката филхармонија, Концерт хаус оркестарот од Берлин, „Московски виртуози”… Нејзините концерти ги воделе диригенти како што се Дмитри Китајенко, Валери Гергиев, Васили Петренко, Владимир Спиваков, Кшиштоф Урбански, Мико Франк, Пабло Гонзалез и др.

Благоја Ивановски (1921–1994) е македонски композитор од втората генерација македонски повоени творци. Заедно со Глигор Смокварски и Кирил Македонски бил еден од втемелувачите на современиот македонски симфонизам. Поголемиот дел од творечкиот опус на Ивановски е посветен на симфониското творештво, во чии рамки доминираат историски теми.

Во таа насока се движи и неговото симфониско дело „Фрески”, напишано во 1961 година, во кое го сумира својот препознатлив стилски печат кој е умерено модерен. Пристапот кон третманот на формата и во ова дело има типична и шематизирана форма, која се пресликува и во основните композиторски постапки.

Сашо Татарчевски е роден во Битола каде што се здобива со основно и средно музичко образование. Дипломира и магистрира на ФМУ во Скопје на катедрите за хорско и оркестарско диригирање, а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано. Настапувал со различни ансамбли, вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на „Ермитаж“ од Санкт Петербург и многу други. Работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето, како диригент на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски”, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Проарс”.

Сподели