Оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт вечерва во 20 часот со нашиот кларинетистот Васко Дуковски и диригентот Марк Кадин од Украина. На програмата се суитата „Музички вечери“ од Бенџамин Бритн, Интродукција, Тема и варијации за кларинет и оркестар од Џоакино Росини и Симфонијата бр. 41 во Це-дур, К.551 – „Јупитер“ од Волфганг Амадеус Моцарт.
Васко Дуковски е македонски кларинетист, композитор и педагог со светска кариера. Настапувал во најпрестижните концертни сали, од Њујорк до Шангај, а неговата музика го носи духот на современата и експерименталната сцена. Моментално е професор на Универзитетот за уметности во Нанџинг, Кина, а претходно предавал на Џулијард и Квинс Колеџ во Њујорк. Дуковски има изведено над 300 светски премиери, соработувал со композитори како Џон Адамс, Џон Кориљано и Џон Зорн, и настапувал со водечки оркестри како Македонската филхармонија и Финикс симфонискиот оркестар. Неговите над 30 албумски снимки за Naxos, Deutsche Grammophon и Tzadik сведочат за неговата интернационална експанзија и иновативност, а меѓународните награди потврдуваат неговиот значаен придонес во музичката уметност.
Марк Кадин, роден во Украина, е светски признат диригент со кариера што опфаќа Европа, Азија и Латинска Америка. Тој е музички директор на Филхармонијата во Керетаро, Мексико, и поранешен главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио, каде го водел оркестарот кон иновации и високи достигнувања. Кадин е добитник на националната награда „Кристална лира“ и Големата награда на БНР, и настапувал со светски реномирани солисти како Симон Трпчески, Максим Венгеров и Вадим Репин. Неговите интерпретации на класични и романтични ремек-дела, како и современа музика од Шостакович, Брамс, Моцарт и Чајковски, се опишуваат како длабоко емотивни и трансформативни искуства. Тој ја започнал кариерата уште како студент во Москва, дебитирајќи во Бољшој театарот во 2003 година, и од тогаш ја гради репутацијата на еден од најиновативните диригенти на современата сцена.





