Концерт на Димитар Додовски, Амплидајн Ефект и Нинослав Спировски во Социјалниот центар „Дуња“

Во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје тројца музичари ќе одржат концерт вечерва во 20 часот. Димитар Додовски, Мартин Георгиевски (Амплидајн Ефект) и Нинослав Спировски ќе изведат импровизирана музика, која се должи на соработката и нивното поединечно искуство со различни контексти, поврзани преку заеднички интерес за звучна авангарда, амбиентални структури и слободна интерпретација. Влезот е бесплатен, но со препорачана донација за артистите.

Димитар Додовски е продуцент и визуелен уметник од Битола. Издал повеќе соло албуми и соработувал во проекти како Post Global Trio, Moss Garden, Niskogradba, Dérive Dub и Private Mountain. Последниот албум Mineralmusik ја одбележува 20-годишнината од неговото музичко творештво.

Мартин Георгиевски е продуцент од Скопје на амбиентална и импровизирана музика, активен од 2009 година под псевдонимот Амплидајн Ефект. Во изминатите години издаде бројни албуми и настапуваше на реномирани регионални и меѓународни фестивали, меѓу кои Похода (Словачка), Десонанз, Лајв Саундтрак (Белград), ToBe Continued (Италија), ПНЕМ Саунд Арт Фестивал (Холандија), Скопскиот џез фестивал. Настапувал со Пост глобал трио, Светлост + одрон ритуал оркестра и многу други проекти.

Нинослав Спировски е македонски фри џез кларинетист и саксофонист, дел од генерацијата што го поттикна новиот бран на импровизирана музика во земјава. Како еден од најактивните учесници на сцената, застапува личен израз и оригиналност надвор од традиционалните џез шеми. Најпознат е по работата со Светлост и Светлост + одрон ритуал оркестра, а учествува и во бројни други состави.

Сподели