Концерт на ансамблот „Меркадонегро“ на Охридско лето

На сцената Долни Сарај во Охрид, вечерва во 21 часот концерт ќе одржи салса-ансамблот „Меркадонегро“. Анламблот успева да создаде нов стил во жанрот на салса музика. Неговите членови доаѓаат од различни делови на Латинска Америка и секој од нив носи сопствени традиционални тенденции, но оние на Перу, Куба, Колумбија, Венецуела, Италија и Бразил се составен дел на овој музички микс и го прават стилот на Меркадонегро специфичен и препознатлив.

Оркестарот го формирал Армандо Миранда (1974, Куба). Тој студирал на конзерваториумот „Феликс Варела“ во Хавана и соработувал со Мангуаре, Нирука Еспињола, Ире Арче. Тој е водечкиот вокалист на групата и автор на голем број од композициите. Родриго Родригез (1974, Колумбија) е пејач и перкусионист на ансамблот. Цезар Кореа (1975, Перу) студирал пијано на Конзерваториумот во Фрибург, како и на Џез академијата во Берн, Швајцарија.

Благодарение на нивната средба со виолинистот Алфредо де ла Фе, настапуваат во престижни локали како „Рони Скотс“ во Лондон, но и на фестивалите во Гластонбери, фестивалот „Ново утро“ во Париз, Џез фестивалот во Истанбул, Фестивалот „Павароти и пријателите“ во Модена, Фестивалот во Монтро во Швајцарија, „Фиеста“ во Рим, како и на фестивали во Монте Карло и Атина, делејќи ја сцената со Карлос Сантана, Металика, Буена Виста, Соушл клуб и др. Три последователни години соработуваат со кралицата на салса музката – Силија Круз, а биле придружен бенд на легендарни уметници како Чео Фелисијано, Тони Сукар, Тито Ниевес, Лало Родригез, Хозе Алберто „Ел Канарио“, Албита Родригез, Вили Чирино, Реј Сепулведа, Вили Гонзалес, Енди Монтањес, Алберто Сантијаго, Ричи Реј и Боби Круз и многу други.

Сподели