Во спортската сала „Млаз“ во Боданци вечерва во 19 часот ќе се одржи 10. концерт на Фолклорниот ансамбл за традиционална музика и игра „Mегдан“. Концертот е насловен „Нишка по нишка ѓердан“, а гости на вечерта се ВИС „Аманет“ од Скопје.

– Мисијата на ансамблите, како што е „Мегдан“ е да ја зачуваат свежината и изворноста, затоа што фолклорот не само што треба да се сака, туку треба и да се разбере. „Мегдан“ постои повеќе од 10 години и за да ги негува и прикажува обичаите, народните игри, песните, музиката, инструментите и носиите на Македонија и пошироко, во уникатно уметничко минато – велат од ансамблот.

Во ансамблот има повеќе од 100 членови на возраст од 6 години нагоре, поделени во четири групи. Ансамблот го предводи етнологот Петар Стојчевски, кој е и претседател и уметнички директор.

– Во изминатите години „Мегдан“ постигна забележителни резултати и успеси во народното творештво. Активно учествувавме на повеќе фестивали во земјата и странство, добивме високо реноме и светска афирмација. Убавината на македонскиот фолклор, ора, песни, инструменти и носии, големиот талент на играорците и прекрасните кореографии се собрани во овој народен колектив – „чувар на традиционалната народна култура“ – велат од „Мегдан“.

Фолклорниот ансамбл првенствено ги негува песните и ората од неговата етничка припадност, Бојмија, но и другите етникуми од Македонија. На нивниот репертоар има над 20 сценски преработки, стилизиран и изворен фолклор. Ансамблот од своето основање е член на Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија, кој е официјален партнер со CIOFF.

Насловна фотографија – визуелно решение: Радмила Гошевска

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.