Нова музика, бендови, креативци никогаш не недостигаат. За жал, сите други сегменти длабоко потфрлаат или практично и не постојат. Издавачки куќи, промотери, менаџери, медиуми и платформи каде таа музика би се промовирала, концертни сали, продукција, логистика… за сето тоа веројатно ќе мора да го почекаме 22 век!
Веруваме дека е време за „21 век“. Скокаме аналогно од една во друга временска зона, сметајќи го времето пред и потоа. Такви се и нивните концерти. Шамански обред во минатото – стои во најавата за првиот самостоен концерт на бендот „21 век“, што е закажан за 1 септември во Младинскиот културен центар во Скопје. Кои се „21 век“? Многу настапи и искрено другарство што трае две децении стои зад имињата на Раде Јордановски, Дени Крстев и Васко Атанасоски, кои „решија да се пресметаат во најтешката дисциплина – еден на еден“.
Фото: Зденко Петровски
Овој состав кој постои пет години досега настапил на „Д фестивал“ и на „Здраво млади“, а сега сакаат да ја израдуваат со свој концерт, а тие се подготвени да остават „срце на терен“.
„21 век“ веќе ни носи многу убави и не толку убави работи. А ние во бендот се трудиме да го опееме векот, да го истакнеме убавото и да го неутрализираме „лошото“ во овој век, вели Дени Крстев, басист во бендот.
Басистот Раде вели дека програмата на нивниот концерт можеби некому ќе му донесе по некоја насмевка, солза, „за некого ќе биде лутина, среќа, мачнина, за некого можеби ќе донесе интересен текст, опасна солажа, досадна песна, добар грув, едно те исто, заразен рефрен“.
– Нас во секој случај ни носи огромно задоволство и возбуда. Досега ни донесе три студиски албуми, се наѕира и четвртиот. Се надеваме на уште многу песни, изданија и концерти во овој век – вели Јордановски.
фото: Стефан Самандов
„21 век“ постојат пет години.
– Настанавме како што се создаваат и нашите песни. Пред пет години не постоевме, па почнавме да се сонуваме за на крај за среќа, почнавме да свириме и пееме. Пораката е јасна и гласна: љубов!Нашето другарство се протега низ 20 години. Пред „21 век“ имаме снимено десетици плочи и отсвирено стотици концерти заедно – вели Васко Атанасоски.
Добивме интересни одговори на прашањето кои биле нивните најголеми музички влијанија во периодот на нивното формирање како музичари.
Брајан Бејкер, Стиви Реј Воган, Влатко Стефановски, Тодор Завков – ги издвојува Крстев.
– Сепак, најмногу ми влијаеле и сум се воодушевувал на музичари и бендови што фанатично ја сфаќаат музиката, без разлика на жанр – дециден е Дени.
Раде вели дека ги има многу за набројување, но посебно ги издвојува Do It Yourself хард кор и панк сцената сцената и секој вид македонска музика и музика од ова поднебје, од народна до забавна и сè помеѓу.
фото: Стефан Самандов
– Веројатно најмногу тоа помеѓу – посочува Раде.
За Атанасоски, најголемо влијание имала претежно народна музика, без оглед дали таа доаѓа од хард кор панк, рок, џез, соул, метал или рап.
Македонската музичка сцена, како и секогаш, изобилува со одлични бендови, вели Крстев. Дел од тие бендови, како што се „Ваџајна корпорејшн“, „Мариналеда“ и „Ред 18“ ќе настапат заедно со „21 век“ на концертот на 1 септември.
Според Јордановски, „музичката сцена во Македонија, како и секогаш, е повеќе од одлична.“
– Таа е разнолика, возбудлива, потентна. Нова музика, бендови, креативци никогаш не недостигаат. Но, за жал, сите други сегменти длабоко потфрлаат или практично и не постојат. Издавачки куќи, промотери, менаџери, медиуми и платформи каде таа музика би се промовирала, концертни сали, продукција, логистика… за сето тоа веројатно ќе мора да го почекаме 22 век! Но во секој случај, најупорните, најтврдоглавите и најсреќните секогаш ќе најдат начин и новата музичка надеж ќе си го пронајде патот – вели тој.
Насловна фотографија: Зденко Петровски