Комеморација во чест на Драган Б. Костиќ

Комеморација во чест на легендата на радиоводителството, музичкиот новинар Драган Б. Костиќ ќе се одржи денеска во 12.30 часот во Младинскиот културен центар во Скопје. Собирот е отворен за сите кои сакаат да оддадат почит и да се потсетат на животот, делото и оставнината на Драган Б. Костиќ, соопштија од неговото семејство и од тимот на продукцијата „Диско селектор“.

Драган Б. Костиќ почина на 20 декември 2025 година, по кратко боледување. Тој беше еден од најпопуларните радиоводители и музички новинари во Македонија. Токму во ноември 2024 година, Костиќ прослави 50 години од радиоемисијата „Диско селектор“ со настанот „Последниот танц“ во арената „Јане Сандански“.

Роден во Скопје во 1950 година, Костиќ ја започнал кариерата во тогашното Радио Скопје, прославувајќи се како со својот глас, така и со емисиите „Диско селектор“, која почна да се емитува во јуни 1974 и „Заборави ако можеш“, која ја водеше од 1991. Втората го доживеа своето 4.500 издание во октомври 2013.

Покрај радиото, Костиќ се испроба и во другите медиуми, па го имаше своето шоу „Б со точка“ на телевизијата „Телма“ и ја водеше онлајн емисијата „Кавервил“. Костиќ беше и еден од легендарните скопски диџеи и голем колекционер на музика.

Сподели