Комеморација посветена на Марин Бабиќ во Драмски театар

Во Драмскиот театар во Скопје денеска на пладне ќе се одржи комеморација по повод смртта на актерот Марин Бабиќ. Доајенот на македонското глумиште почина на 16 октомври во Скопје, на возраст од 74 години.

Драмски театар беше негова матична куќа во која го помина целиот работен век.

Марин Бабиќ е роден на 24 октомври 1947 година во Белград. Дипломирал на Театарската академија во Софија. Неговата актерска кариера ја одбележаа и бројни филмски и ТВ улоги: Бушава Азбука, Наши години, Оловна бригада, Јад, Нели ти реков, Доротеј, Јужна патека, Тетовирани души, Претежно ведро, Училиште за кловнови, Збогум на 20 век и многу други.

Во културната колективна меморија засекогаш ќе остане неговиот Јашар Бег во театарската претстава „Солунски патрдии“, но и по репликата која стана урбана фраза на многу луѓе – „Ово нема ни у Београду“, од претставата „Викенд на мртовци“.

Повозрасните генерации се сеќаваат на неговата култна Ноќна програма на Радио Скопје, кога со неговиот извонреден глас влегуваше во домовите на слушателите и беше нивниот „пријател во ноќта“. Радиокариерата ја заокружи со популарната радиоемисија за готвење во некогашниот Радио „Равел“.

Бабиќ беше идеен творец на култната манифестација „Глумците пеат“ и по поетскиот серијал „Бебули“ и неговите маестрални интерпретации на современата поезија.

Сподели