Коледарските песни, предвесници на Божиќ

Со коледарски песни во раните утрински часови денеска почнува славењето на Бадник, предвесник на еден од најголемите христијански празници – раѓањето на Исус Христос или Божиќ. Во Македонија празникот се слави различно, во различни региони. Во повеќе места синоќа се палеа бадникови огнови. Во книгата „Македонските празници и празнични обичаи“, фолклористот Марко Китевски пишува дека Коледе било поврзано со враќањето на Сонцето од јужните напоредници.

– Со раѓањето на новото Сонце се раѓал и обновувал животот. Подоцна, христијанската црква овој ден го поврзала со Христовото раѓање – пишува Китевски во книгата.

Трпезата за Бадник секогаш е посна, затоа што тоа е всушност последниот ден од долгиот божиќен пост. Се готват питулици, посна сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје. Вечерта на Бадник, во секоја куќа се меси кравајче, пита или погача во која се става сребрена пара. Кога сите ќе седнат да вечераат, домаќинот ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравајчето на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата.

– Сите што добиле парче ја бараат парата. Тој што ќе ја најде се смета за најсреќен во годината што претстои. Ја ставал парата во грне или во чаша со вино од која пиеле сите за здравје и среќа. Парата ја земал тој кому му се паднала или ја давал на домаќинот, а за возврат добивал подароци – вели Китевски.

Обичај е по вечерата софрата да не се крева. Во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божиќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани. На Бадник софрата се става врз слама за спомен на јаслите во Витлеемската пештера во која е роден Исус.

– Во мугрите на Коледе, децата во групи одат од врата до врата и добиваат подароци: пари, ореви, костени, јаболка. Со Божиќ е поврзана и поговорката: „Пред Божиќ зад Божиќ кај да си, дома да си“, што има двојно значење. Да се биде во кругот на семејството и наблиските, но и овој период е најсудениот од годиниата, исполнет со снежни веавици, па најбезбедно е да се биде дома – вели Китевски.

Сподели