Детето кое ја чита, слично како во многуте филмски адаптации ќе го препознае Шапкарот или Белиот Зајак, во некој од своите најблиски, а споменот за Земјата на чудата долго ќе го носи со себе…
Пишува: Мерсиха Исмајлоска, доктор по филолошки науки
Неодамна еден пријател ме замоли да ја „адаптирам“ на кратко „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Карол, за неговиот син кој е петто одделение. Идејата дека книгата е нечитлива за дете интелигентно како него ми донесе по малку нелагодност, но и насмевка сеќавајќи се како јас реагирав на неа како дете… Пред сè реагирав на илустрациите, а приказната почнав да ја потфаќам како возрасна. И покрај тоа што можеби книги слични на оваа се нечитливи за деца, сепак сметам дека се нужни да постојат во програмата за лектири, зашто поттикнуваа љубопитство и растење заедно со нив…
„Алиса во Земјата на чудата“ во режија на Александар Ивановски, Театар за деца и младинци
Ова е моето гледање на Алиса, во обид да ја видам со очите на десетгодишно дете:
Во петтото поглавје во книгата на Луис Карол, наречено „Советот на гасеницата“, мудрата гасеница го прашува едно девојче: „Која си ти“? Девојчето, одговара: „Јас – којзнае дали знам, госпоѓо, да ви одговорам во моментов – знам само што бев кога изутринава станав од постела, но оттогаш мислам дека на неколку пати се имам изменето.“ Девојчето не е никој друг, ами Алиса, а прашањето е загатка која таа ја решава до крајот на својата авантура. Самата слика на гасеницата која е претставена со чибук во уста е една од многуте „чудни“ во Земјата на чудата.
Која е Алиса? Наизглед наивно, но интелигентно и љубопитно дете. Дете како и секое друго. Жедно за игра, откривање, а едно од тие откритија е и Земјата на чудата. Во таа земја, со некоја чудна логика каде постојат колачиња за смалување и течност за растење. Течност која на некој начин имала вкус на торта од цреши, на ананас, на пита од јаболка, на печена мисирка, карамела и пржен леб со кајмак. Кое дете не би сакало да го проба тоа?! Далеку од сите правила на кои ги учат возрасните.
Со своите седум години, иако сонува, со ширум отворени очи, минува низ процес, од кој станува возрасна, а авантурите и ликовите кои ги среќава патем, се дел од тој процес.
Која е Алиса? Дете, кое станува Човек. Дете кое не се плаши. Дете кое го сонува еден од најзначајните соништа за преминот од детство во младост. Дете кое има способност да зборува со Зајаци, и тоа Бели, со Мачки кои исчезнуваат и со Шапкари, кои поставуваат необични загатки. Дете кое дури и не е уплашено до Црвената кралица, и кое разобличува цел еден шпил чудни карти. Дете кое Џон Тениел го нацртал русокосо, а кое до ден денес доживеало многу ликовни презентации, во сликовници, филмови, анимации, компјутерски игри… Дете кое живее. Дете кое го послушало советот на гасеницата…
Денес поминувајќи низ школскиот двор на училиштето од моето детство, видов две девојчиња со блузи на кои имаше апликација од „Алиса во земјата на чудата“. Се израдував, и посакав да сум на нивно место за со наивност на дете повторно да ја запознам Алиса. Но си велам, можеби и тие не се толку наивни. Слично како Алиса кога стои пред Гасеницата и тие би ù рекле: „Во ред, можеби сè уште не сфаќате, но кога еден ден ќе морате да се претворите во ларва – ќе видите тогаш како изгледа тоа – и потем кога ќе се преобразите во пеперуга, ќе ве прашам дали нема да се чувствувате по малку чудно, зар не“? Итар начин да се зборува за растењето, за нежните и не толку нежни промени кои ги носи. Како таа игра во дворот, која наизглед детска, но како позајмена од светот на возрасните за да ги подготви за преминот.
Слично и Алисината Земјата на чудата може да се чита како прилагоден опис за деца на светот на возрасните, таа прави јасна разлика меѓу доброто и злото, но и за нивните нијанси со што на читателот му дава увид во подлабоки вредности…
А детето кое ја чита, слично како во многуте филмски адаптации ќе го препознае Шапкарот или Белиот Зајак, во некој од своите најблиски, а споменот за Земјата на чудата долго ќе го носи со себе…