Кој млад математичар ќе освои 10.000 евра? Финале на натпреварот UltiMATH

Идејата е да се покаже практичната вредност на математиката во решавање на комплексни проблеми со што ќе се промени и перцепцијата за оваа наука

Младиот талентиран математичар што ќе освои парична награда од 10.000 евра ќе биде познат викендов на натпреварот UltiMATH што ќе с еодржи во трговскиот центар „Ист гејт мол“ во Скопје. Ова е најголема парична награда за натпревар по математика што се одржува во Македонија, а го организираат факултетот Бреинстер Некст и NU Колеџот за средношколци.

На UltiMATH ќе учествуваат најдобрите 350 средношколци од цела Македонија кои ја поминаa квалификациската фаза. Задачите што ги решаваат натпреварувачите ги тестираат нивната логика, брзина и аналитички способности.

По завршувањето на двете рунди од првата фаза, најдобрите 50 учесници продолжуваат во втората фаза составена од две рунди – Супер финале и UltiMATH Challenge што ќе се одржат утре во „Ист гејт мол“.

Најдобриот математичар ќе ја освои главната награда од 10.000 евра, што претставува највисока награда за ваков тип натпревар во регионот. Покрај паричната награда, победникот ќе добие и целосна стипендија за студирање на Бреинстер НЕКСТ факултетот. Вредни награди ќе има за најдобрите десет учесници – сертификати, стипендии и ваучери за Бреинстер НЕКСТ факултетот и NU Колеџот за средношколци.

Организиаторите велат дека идејата е да се покаже практичната вредност на математиката во решавање на комплексни проблеми со што ќе се промени и перцепцијата за оваа наука, вели Огнен Трипуноски, главен оперативен директор во Бреинстер и дел од тимот кој го подготви натпреварот UltiMATH. Според Ивица Пешовски, главен технолошки директор во Бреинстер и дел од тимот кој активно учествуваше во подготовка на структурата на натпреварот и самите предизвици, прашањата се внимателно дизајнирани за да го тестираат знаењето на различни нивоа, овозможувајќи прогресивен напредок и фер натпревар за учесниците.

– Клучната цел не ни е да направиме класично мерење на знаењето по математика, нешто што и сега постои во најразлични формати, туку да создадеме средина каде што ќе ја покажеме практичната страна на математиката и како таа придонесува во решавање на тешки и комплексни проблеми. Сакаме да ја промениме целата перцепција за математиката и да покажеме дека таа не се состои само од задачи, формули и дефиниции, туку со нивната практична примена придонесуваме кон развој, подобрувања и напредок – објаснува Трипуноски.

Според Пешовски, при конципирањето на натпреварот се фокусирале на создавање структуриран и динамичен предизвик кој ќе овозможи учениците да покажат различни аспекти на своите математички способности. Фазите и игрите во нив се внимателно дизајнирани за да овозможат постепено зголемување на тежината на задачите за да ги одвојат најдобрите учесници на секое ниво. Се воделе од неколку клучни принципи:

Разновидност на вештините: како што учениците минуваат низ разните фази на натпреварот, се тестира различно множество на математички и логички вештини, вклучувајќи ги нивната меморија, брзината на решавање едноставни аритметички задачи, логиката и теоретското познавање на основните математички концепти.

Идејата е ова да прерасне во традиционален годишен натпревар и да привлекува натпреварувачи од целиот Балкан, па и пошироко. Покрај одмерување на знаењето и издвојување на најдобрите по математика, да прерасне во можност која ќе дава континуирана поддршка за развој на младите математички таленти во Македонија, регионот и пошироко.

Сподели