Кој/што, го загрозува културното наследство?

Сосема природно со последниот случај поврзан со рушењето на објектот, хотел Шар-ан во Старата скопска чаршија, се поставува прашањето за смислата на реставрацијата која во нашата држава се појавува како антипод

Пишува: Донка Барџиева-Трајковска, претседателка на Центарот за културно наследство

Обидот да се „запре“ делувањето на времето кое перманентно ја менува околината во која живееме, менувајќи нè и нас како времени суштества, одамна е познат на цивилиациско ниво како творештво во најопшта смисла на зборот. Затоа што потребата за творење, создавање дела е исконска и непрекинлива уште од времето на најстарите епохи на постоење. Благодарение на овој исконски порив, денес преку нивните дела дознаваме за нив и за нивниот начин на живот, нивните стравови и верувања, нивните вештини и знаења. Музеите и старите градови се полни со предмети и градби во кои е вградена огромна историја. И затоа ги чуваме. Замислете, наеднаш сето минато, сета историја да ја снема и да останеме сами, како децата на пустиот остров од романот „Господар на мувите“ на Вилијам Голдинг (1954). Сите кои го прочитале овој роман знаат на што алудирам, дека не е возможно да се живее без минато. А минатото е содржано во преданието, старите градби и дела кои ни се оставени во наследство. А наследството треба да се чува, да се негува, да се учи од него и да се пренесува на идните поколенија. Тоа е суштината на заштитата на културното наследство независно на која област припаѓа. Тоа значи грижа, заштита, негување и реставрација.

Сосема спротивно, негрижата, деградирањето, уништувањето и рушењето на културното наследство претставува злосторство против човештвото. Затоа што културното наследство независно во која држава се наоѓа како цивилизациска придобивка им припаѓа на сите. Чувството на заедништво и препознавање во културното наследство на различни народи е клучната алка која нè поврзува, нè прави подобри и морално нè воздигнува. Моралната димензија е клучна за која било работа, но особено за вработените во дејноста заштита и реставрација на културното наследство. Токму тука, во допирот со различни култури и цивилизации чии дела ни се дадени на чување, се прекршуваат сите морални аспекти на заштитарите, чуварите на старините. Одовде, со право се појавуваат реакции во јавноста кога спротивно на генералниот принцип на заштита се појавува негрижа, деградирање, рушење на културното наследство. А такви примери има многу и токму за нив сум реагирала јавно институционално уште на почетокот на деведесетите кога беше срушен стариот конак во манастирот „Св. Наум“, преку рушењето на Имарет Џамија во Охрид, ре-креирањето на Плаошник, до факсимилната реконструкција и рушењето на старите куќи во Охрид, Велес… Сите со статус на заштитени објекти како споменици на културата и сите срушени од поединци вработени во институции за заштита на културно наследство.

Така, сосема природно со последниот случај поврзан со рушењето на објектот, хотел Шар-ан во Старата скопска чаршија, се поставува прашањето за смислата на реставрацијата која во нашата држава се појавува како антипод. Во услови на постоење на систем/закон и институции, како е возможно да се појавуваат толку противречни постапки и дали токму тој систем генерира перманентно загрозување и уништување наместо заштита. Бидејќи многу лесно, со еден потпис на директорот на Управата е донесено решение за престанок на заштита на недвижно културно наследство „Урбана целина централно градско подрачје II“, Скопје. Исто како што во договор со општината Охрид од археолошки локалитет Плаошник е трансформиран во градежна локација!Бројни негативни примери во Скопје и Охрид упатуваат на постојниот Закон за заштита на културното наследство во кој се содржани одредби кои на институциите им овозможуваат манипулации и уништување на вредни примероци на културното наследство. Во овој контекст особено е илустративен примерот со рушењето на хотелот Шар-ан, кој во обвинението е именуван како културно наследство со наведена конкретна сума на средства како штета која ѝ е нанесена на државата.

Старата скопска чаршија со закон е прогласена за културно наследство од особено значење-поткатегорија големо значење во 2008 година. Актот за прогласување на чаршијата со закон како споменична целина произлегува од членот 41 став (3) од матичниот Закон за заштита на културно наследство (2004). Добрите намери и авторскиот пристап на амбициозниот закон кој досега има претрпено вкупно13 измени по правило не ги даваат очекуваните резултати. Дополнително со секоја нова измена во обидот дополнително да се појаснат одредени прашања само го зголемуваат степенот на конфузност присутен уште во првата верзија на овој закон. Дека бројот на страници и членови во законот не создаваат ефикасен систем на заштита, сведочи состојбата на теренот и нефукционалните институции. Бројни одредби и покрај амандманските измени останаа без правни поуки и санкции во услови на непочитување на предвидените законски рокови. Фантомските Заводи-Музеи веќе 19 години функционираат вон законот, затоа што рокот кој им беше даден за реорганизација не го испочитуваа. (член 175, точка 3-6 од став (1) и точка (3). Установите од точките 3, 4, 5, 6 и 7 на овој став, својата оганизација требаше да ја усогласат во рок од една година од денот на примената на овој закон, но тоа не го направија ниту имаат намера да го направат. Си поднесуваат програми и си добиваат средства, затоа што токму законот кој им го одреди рокот за реорганизација на чуден начин ги штити. Имено, законодавецот не предвидел дополнителни мерки/санкции во случај да не се реорганизираат институциите. Исто како што не предведел дополнителни мерки доколку не се испочитуваат предвидените рокови за ревалоризација на недвижното (3 години) и движното наследство (1 година). И така цели 19 години од донесувањето на овој Закон сè уште важат одредбите од членовите 175 и 178! За да биде апсурдот уште поголем во став (4) стои дека ревалоризацијата на спомениците на културата од ставот (2) на овој член се врши според посебна програма што ја донесува Министерството за култура! А кое така како што пишува, ревалоризацијата на спомениците на култура требало да заврши во 2008 година. Но, не завршила и сè уште трае… И така, во услови на незавршен процес на ревалоризација, на предлог на Владата, Собранието носи закони за прогласување на споменички целини и стари градски јадра во неколку градови во државата (Скопје, Охрид, Битола, Крушево, Кратово) прогласувајќи ги за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење.

Првата прогласена споменичка целина е Старата скопска чаршија во Скопје, со обележени граници и контактни зони. Во членот 5 од Законот за прогласување е наведено дека органот од став 1 на овој член, Агенцијата за катастар, за секоја катастарска парцела што се наоѓа во границите на заштитеното подрачје, треба да стави забелешка дека е составен дел од Старата скопска чаршија како културно наследство од особено значење, а за секој поединечен објект кој е посебно заштитено добро дека има статус на културно наследство со соодветна категорија.

Соодветна категорија на културно наследство може да се обезбеди само во процес на ревалоризација, како што е предвидено со Законот и тука нема ништо спорно освен фактот дека во предвидените три години не е завршен овој процес. Во однос на Скопската чаршија од 2008 година до сега (увид во Централен регистар заклучно со 2019 г.) од вкупно регистрирани 82 поединечни споменици и една споменичка целина, ревалоризирани се 30 објекти од кои 8 објекти ex lege. Во општина Чаир од вкупно регистрирани 5 споменици, ревалоризирани се само два.

Ова е големата слика на прогласената споменичка целина Стара скопска чаршија за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо. Имаме граници на заштититена целина од особено значење, а објектите на одредени катастарски парцели не поседуваат категорија по вредност, но вредноста ја извлекуваат од именувана, но сè уште неидентификувана целина која претходно е прогласена. Бидејќи целината ја прават поединечните објекти кои според бројот доминантно треба да припаѓаат на категоријата од особено значење, се појавува отворена дилема врз основа на кои критериуми е утврдена категоријата на целината? Доколку предвидената ревалоризација беше завршена во предвидениот рок, тогаш секоја парцела со постоечкиот објект ќе поседуваше статус на заштитено културно наследство и соодветна категорија. Иако паушално, сепак би требало да се напомене дека во чаршијата постојат најмалку десет споменици кои би припаднале во категоријата особено значење, поткатегорија големо – тоа се познатите џамии и анови. Но, тоа сè уште не е доволна бројка која би ја оправдала категоријата на споменичката целина имајќи ги предвид актуелните случувања во чаршијата и забрзаната „реконструкција“ и изградба на нови објекти.

Оваа фактографија преточена во слика укажува на парадоксот на Законот кој наместо системски да ги уредува, устројува процесите, генерира бројни аномалии, создавајќи нелогични, хаотични, замрсени постапки без можност за поправање. Бидејќи Законот има авторски белег, сите предложени решенија не базираат на стручна и научна анализа, и како такви сосема природно стануваат хаотични и крајно опасни за културното наследство.

Сподели