Кој можеше да расипе една таква вечер?

Цели 30 години групата „Фолтин“ во основата на своето постоење ù е да ја гали душата на публиката. Неуморливи, секогаш инвентивни во текст, звук, секогаш во обид и истражување да не бидат здодевни, битолската петорка стана заштитен знак за музика со предзнак квалитет – светска музика што секаде би можела да пројде.

30 години во нашата земја да бидете активен и да живеете со музиката, не е мала работа. В0 30 години да издадете 10 албуми, исто така не е мала работа. Затоа голема работа е да ја наполните салата на Филхармонија кога одбележувате три децении опстојување на сцената.

Предводени од Бранислав Николов, музичар и уметник во тотална смисла на зборот, овој шармантен состав звучеше прекрасно на својот концерт на 22 ноември. Видно возбудени сите – од прв до последен во бендот Пеце Николовски (кларинет, каос-пад, усна хармоника), Пеце Трајковски (електронски акордеон, електрична гитара), Гоце Јованоски (бас) и Славчо Јовев (тапани).

Сигурно не е мала работа да ја видите вашата публика како ви се радува. Звучеа прекрасно. На публиката „ù дозволија“ неколку песни на нивните места, но брзо на нозе со танцување ги дочекаа сите други песни.

Месечина, Ми се води љубов, Облаче, Ела си в кревет, Симултан бакнеж… неибежната Милице… беа само дел од дваесетината песни од нивниот избор. И се разбира, „Слободна љубов“, за бис.

Фолтинци, ви благодариме. Да ни прајте уба музика уште долго и да ви идиме на концерти!

Фото: Огнен Ацевски

Сподели