Проф. д-р Оливер Бакрески е новиот декан на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој ќе ја води институцијата во мандатниот период од 2024 до 2027 година. Бакрески е избран денеска, со мнозинтство гласови од присутните. Тој доаѓа на местото на проф. д-р Ратко Дуев кој во два мандата раководеше со Филозофскиот факултет.
Бакрески е редовен професор на доаѓа од Институтот за безбедност, одбрана и мир и досега ја вршеше функцијата продекан за настава. Роден во село Света, Демирхисарско (1971). Основно и средно образование завршил во Прилеп. Дипломирал (1997), магистрирал (2002) и докторирал (2005) на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет во Скопје. На Институтот за безбедност, одбрана и мир е редовен професор од 2014 година за научните области: интегрална безбедност, менаџмент-системи, политички системи, дипломатија и планирање на одбраната. Во рамките на наведените области реализира настава на сите три циклуси стуции.
Учествувал на повеќе научни семинари, меѓународни конференции. Бил член на повеќе организациони или програмски одбори на меѓународни научни собири, конференции и списанија. Во неговата долгогодишна работа учествувал во реализирањето на повеќе научно-истражувачки проекти во земјав аи во странство. Има објавено над 120 трудови од областа на безбедноста и одбраната и над 20 книги (учебници, монографии и стручни книги).