Најстарите корени на христијанството на територијата на Македонија уште од предсловенски времиња се врзани со делата на свети Еразмо Лихнидски и на 15-те маченици од Тивериополис.

Иконата „Св. Василиј Велики и св. Никола“ создадена меѓу 1045 и 1050 година, од охридската црква Св. Климент“ се смета за најстарата икона во Македонија. Денес е дел од Галеријата на икони во Охрид. Најстариот фрескоживопис во земјава, пак, кој и денес може да се види во храм и е во многу добра состојба – е сликарството на катедралната црква „Св. Софија“, а бил создаден меѓу 1037 и 1056 година.

Византолозите упатуваат и на постари облици на фрескосликарство и црковни записи, но денес или веќе не се дел од територијата на Македонија или за нив постојат пишани докази, но не се пронајдени. Проф. д-р Анета Серафимова, професорка на катедрата за историја на уметност и археологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во книгата „Средновековната уметност во Македонија 9-18 век“ пишува дека средновековната ризница на Македонија е преполна со ретки, исклучителни, единствени, неповторливи, со еден збор, автентични експресии на креативност. Според неа, екстремно важни се артефактите од процесот на придобивките на христијанството во 9 век, кој се поклопува со периодот на активноста на светите Кирил и Методиј, Климент и Наум.

„Во текот на 10 и раниот 11 век за време на владеењето на цар Самуил, сведоштва во таква форма како културни документи се повеќе од бројни. Овие остатоци се меѓу најраните културни извори на источното христијанство“, пишува Серафимова во својата книга.

Иконата „Св. Василиј Велики и св. Никола“ / Фото: Википедија

Според неа, треба да се спомнат многу конхални цркви, пронајдeни главно во Охридско, кои скоро цел век се постари од храмовите со слични делови на планината Атос. Околу 893 година Климент ја изградил манастирската црква „Св. Пантелејмон“, поставувајјќи ја на темели на постара сакрална структура на древниот култен центар Плаошник. Направил и трем на десната страна и гроб во кој бил погребан во 916 година. Кирилските инскрипции од 996 година во прилепското село Варош и гробницата на родителите на Самуил во преспанското село Герман се меѓу најстарите епиграфски сведоштва на словенската литература во Македонија. Во оваа група спаѓаат и два записа на столбови, еден со кирилско-глаголско писмо од манастирот „Св. Наум“ и плочи пронајдени на локалитет кај селото Крупиште во брегалничкиот крај. Од 10 век и раниот 11 век има делумно сочувани фрески од старата срква во Водоча, струмичко. Но, најстарите корени на христијанството на територијата на Македонија уште од предсловенски времиња се врзани со делата на свети Еразмо Лихнидски и на 15-те маченици од Тивериополис кои биле активни на овие подрачја уште пред признавањето на христијанството како официјална религија во 313 година. „Архиепископот Теофилакт Охридски во 11 и 12 век спомнува две цркви. Едната била во Струмица, имала гробница каде биле положени мачениците, а нивните портрети биле насликани на источната страна во три редa, еден над друг околу 9 и 10 век. Локацијата на втората црква се уште не е лоцирана, но има индиции дека е некаде во бгрегалничката епархија“, пишува во книгата.

Остатоците од овие градби, епиграфски споменици и преживеани слики се сметаат за непресушен извор на ранохристијанската духовност и воведни обележја на средновековното уметничко богатство на Македонија.

Насловна фотографија: Википедија

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.