Кои биле воените лидери на Балканот и Македонија од 6 до 9 век

За „мрачниот“ период на Балканот пишува проф. д-р Драган Ѓалевски во неговата книга „Византискиот воен систем на Балканот – еволуција и трансформација (средина 6 до средина на 9 век)“

Археолошките откритија во последната деценија доведоа до реинтерпретација на наодите откриени во минатото, особено оние откриени во втората половина на 20 век. Тоа предизвика бројни научни трудови, во странство, во соседството и во Македонија, со нови претпоставки и теории за процесите што се одвивале на овие простори. Сите тие презентираат нови сознанија за животот на населението од „мрачниот“ период на Балканот, вели проф. д-р Драган Ѓалевски од Институтот за национална историја. Во неговата книга „Византискиот воен систем на Балканот – еволуција и трансформација (средина 6 до средина на 9 век)“ тој пишува за состојбите во Источното Римско Царство, за околностите на Балканот и територијата на денешна Македонија, за военото уредување.

Од каде тргна идејата да работите на книгата „Византискиот воен систем на Балканот – еволуција и трансформација (средина 6 до средина на 9 век)“?

– Книгата, во основа е надградена и надополнета верзија на мојот магистерски труд. Идејата да се истражува овој дел од средновековната историја на Балканот и во Македонија се искристализира некаде кон средината на мојата магистратура и на неа влијаеа неколку причини. Првата од нив е дека во македонската историографија многу малку беше проучувана воената историја, посебно за средновековниот период.

Проф. д-р Драган Ѓалевски

Втората причина е утврдување на факторите што довеле до моментот една моќна империја, каква што била Византиската Империја/Источната Римска империја и која имала воспоставено воени структури со значителни воени сили, да дозволи нејзината власт во период од неколку децении целосно да се распадне на Балканот, а најголемиот дел од провинциите да бидат освоени од Словените и подоцна од Бугарите. Последната е утврдувањето на факторите (воени, политички, економски) што влијаеле да започне процес на возобновување на византиската власт на Балканот и реинтегрирање на претходно изгубените територии под власта на василевсот од Константинопол.

Периодот на доселувањето на Словените на овие простори генерално се смета за „мрачен“ период. Има малку пишани податоци, а материјални остатоци скоро и да нема. Од каде црпевте научни податоци за книгата?

– Точно е тоа дека периодот кога се населуваат словенските племиња на Балканот се смета за „мрачен“ поради малиот корпус на пишани извори од византиско и западноевропско потекло што изнесуваат некакви информации. Меѓутоа, за разлика од нив, иако археолошките наоди не се толку во изобилство како во доцноантичкиот или подоцнежниот средновековен период, сепак, нивниот број во последните децении е сè поголем и успеваат да ја променат сликата во науката за процесите што се случувале на територијата на Балканскиот Полуостров и во Македонија. Овие нови археолошки откритија, пак, доведоа до реинтерпретација на наодите откриени во минатото (посебно на оние откриени во втората половина на 20 век), така и до пишување на бројни научни трудови, како во странство, така и во соседството и во Македонија, со нови претпоставки и теории за процесите што се одвивале на овие простори. Дури и денес, по излегувањето на мојата книга од печат, обемот на научни трудови што ни презентираат нови сознанија за животот на населението од „мрачниот“ период на Балканот сè повеќе се зголемува. Она на што овие текстови укажуваат е фактот дека и покрај сите случувања, војни, миграции, разрушувања и насилни иселувања, комуникацијата во поширокиот регион на Медитеранот не била прекината, туку таа продолжила со едно намалено темпо, а разорувањата, ако се изземат урбаните центри, не биле до тој степен апокалиптични како што се претпоставувало.

Во каква историска констелација била територијата на денешна Македонија во овој период?

– Македонија, исто како и Балканот, почнувајќи од средината на 6 век се наоѓа во постојана состојба на воено-политички превирања што довело до распаѓање на византиската власт на најголемиот дел од нејзината територија. Оваа ситуација на постојана криза е завршена во последните неколку години од средината на 9 век, кога биле конечно воспоставени и утврдени границите на балканските држави. По скоро еден цел век на мир од последните варварски упади на Балканот кон средината на 5 век, доцноантичка Македонија од средината на 6 век е под постојана закана од надворешни пљачкашки упади, првично од склавиниите зад реката Дунав, а потоа заедно со Аварите кои им ја наметнале нивната хегемонија.

Проблемите што се појавиле на византиската источна граница и воениот конфликт кој станал континуиран со појавата на Арабјаните во средината на 7 век довело до тоа власта во Константинопол да гледа на состојбите на Балканот како на секундарно прашање за безбедноста на државата. Ова довело до целосен колапс на византиската власт во најголемиот дел од територијата на Балканот и во Македонија, останувајќи под директна управа само определени области. Политичкиот вакуум на Балканот им овозможил на Словените од склавиниите зад Дунав да мигрираат и трајно да се населат на полуостровот и во Македонија формирајќи сопствени области, исто така именувани од византиските извори со поимот склавинии, а во некои области дури и да живеат заедно со староседелското население, и да одржуваат блиски трговски врски со урбани центри од соседството што останале под византиска власт. Со текот на времето дел од овие склавинии воспоставиле поблиски политички врски со Византиската Империја и постепено биле инкорпорирани во нејзините граници, задржувајќи ја, притоа, својата автономност определен период пред да бидат целосно вклучени во нејзиниот административен систем. Другиот дел од склавиниите во Македонија кон средината на 9 век влегле во рамките на Бугарија кога конечно биле определени меѓусебните граници помеѓу овие две држави.

Ова поднебје влечело силни милитаристички способности во минатото, од „криволаките Пајони“ што ги спомнува Хомер во „Илијада“ до Македонска фаланга како воена структура. Како се развива воениот систем на ова поднебје од средината на 6 до средина на 9 век?

– Кога се зборува за византискиот воен систем во овој период неговиот развој е еден вид на еволуција и трансформација. Всушност, ова е период на негова промена и административно видоизменување од доцноантички кон средновековни структури која започнала како последица од надворешни и од внатрешни фактори. Сè до средината на 7 век византискиот воен систем се засновал на мобилни армии и погранични одреди. Секоја една мобилна армија предводена од воен магистер била распоредена во определена административна област и освен што се грижела за нејзината безбедност, таа во согласност со потребите била испраќана во борбени активности на други места. На Балканот биле распоредени две армии од овој вид – армија на Тракија која броела околу 20.000 војници и армија на Илирик која имала 15.000 војници и ја опфаќала и територијата на Македонија. За разлика од пограничните одреди кои биле распоредени на Дунав, војниците од мобилната армија на Илирик биле лоцирани и во внатрешноста на Балканот. Од нив, трите најголеми воени кампови со по најмногу 2.000 војници се наоѓале на територијата на Македонија, и тоа во местата Венец, Пчиња и Дебреште. Исто така, постоеле и неколку помали воени тврдини во Македонија, како тие во Зелениково и Љубанци кои броеле по неколку стотини војници. Во овој број на војници што влегувале во составот на мобилната армија не влегуваат оние што се грижеле за безбедноста на урбаните центри.

Со миграцијата и населувањето на Словените на Балканот, а подоцна и на Бугарите, и пропаѓањето на византиската власт во најголемиот дел од Балканскиот Полуостров дел овие мобилни армии престанале да постојат, како армијата на Илирик. Веќе од крајот на 7 век постепено се воведува нов воен систем, кој од 9 век ќе биде познат како „тематски“ систем, задржувајќи ја притоа основната структура на помалите воени одреди, менувајќи ја само нивната терминологија од латински на средновековно хеленски. Овој тематски систем, кој се состоел од помали армии лоцирани во административни области – теми, со големина до најмногу 5.000 војници, бил постепено воспоставуван за конечно кон средината на 9 век го оформи својот облик. На територијата на средновековна Македонија во овој период биле воспоставени неколку теми, едната именувана како Тесалоника, додека другата, која не постоела долго, Стримон. Постоела и тема именувана како Македонија, но таа била воспоставена источно во областа Тракија, околу градот Адријанопол, денешен Одрин.

Опишете ни ја воената структура по хиерархија, какво оружје се користело, каде било произведувано, имало ли импорт и локално производство? Кои биле истакнати воени лидери?

– Во византиската воена структура, освен терминолошки и лингвистички, не постои некоја голема разлика помеѓу доцноантичкиот и средновековниот период. Баш во овој сегмент на воениот систем се гледа постепената еволуција и трансформација на византиската армија. Во доцноантичкиот период воен заповедник на мобилната армија, еден вид на генерал, бил воениот магистер. Основниот воен одред на армијата бил именуван како тагма, бандон или аритмос, со големина од најмногу 520 војници, кој бил предводен од офицер комес. Неколку основни одреди формирале поголем одред именуван како мојра, хилијархија или друнга, со максимална големина од 3.000 војници, командувана од мојрарх, хилијарх или дукс. Три воени одреди од овој вид формирал мерос, со големина од најмногу 7.000 војници, но во просек таа изнесувала 5.000 војници, командувана од офицер мерарх. Три одреди мерос ја формирала византиската армија на кампања предводена од воен магистер, познат и како стратег. Воената формација на тематската армија од средновековниот период била скоро идентична. Основниот одред бил именуван како бандон, тагма или аритмос, командувана од офицер комес. Неколку бандони формирале одред друнга, со големина од најмногу 3.000 војници, предводена од заповедник со чин друнгариј. Три друнги формирале турма на чело со офицер турмарх. Овој одред имал најмногу 6.000 војници во своите редови. Три турми формирале една тематска армија предводена од заповедник со чин стратег.

Оружјето што го користела византиската армија било типично за војските од тој период. Во нивниот арсенал влегувале разни копја, мечови, како и лак и стрела, кои сè до почетокот на 7 век биле произведувани во државните оружарници, а кои на Балканот се наоѓале во Константинопол, Адријанопол, Наисус, Ратијарија, Маркијанопол и Тесалоника, додека униформите за војниците биле произведувани во Хераклеја во Тракија. Оваа слика е целосно променета по пропаѓањето на византиската власт на Балканот. Оружјето и униформите за воените сили на Балканот во најголем дел биле носени од Мала Азија преку империскиот службеник комеркијар и институцијата апотека, која во себе опфаќала државни магацини каде потребната воена опрема и други производи и залихи биле складирани. Иако најголемиот дел од воената опрема по средината на 7 век била произведувана од локални занаетчии, сепак, на Балканот биле останати неколку државни оружарници, и тоа во Адријанопол и во Тесалоника.

Во однос на истакнати византиски воени лидери што се поврзани со Балканот и Македонија, во овој период кој го опфаќа доцноантичкиот и средновековниот период, најчесто се спомнуваат византиските императори, затоа што едно од нивните задолженија биле да ја предводат армијата на кампања. Такви воени императори биле повеќе, како Маврикиј, Фока, кој бил офицер во армијата пред да стане император. Понатаму, Константин Четврти, Јустинијан Втори, како и Константин Петти. Можат да се спомнат и неколку воени заповедници од двата периода, како Коментиол, Приск од доцноантичкиот или Ставракиј од крајот на 8 век.

Како локалното население ги дочекало Словените и како потоа тие биле интегрирани во тој воен систем?

– На миграцијата и населувањето на Словените му претходел период на опустошувања и пљачкосувања кои започнале од средината на 6 век, а се засилиле во последните две децении на истиот век и биле потпомогнати од Аварите, народ со моќна воена сила со центар во Панонија. За време на овие грабежи најмногу настрадале урбаните центри, кои и покрај економското пропаѓање го имале во себе најголемиот дел од економската и финансиската моќ на локалното население. Кога завршиле пустошењата, само мал број на градови останале недопрени, сите на крајбрежјето, а еден од нив бил и Тесалоника (Солун). Меѓутоа, мора да се напомене фактот дека и по уништувањата дел од овие урбани центри продолжила да опстојуваат уште некој период, бидејќи не било целото население во нив убиено или заробено. Дел од нив го преживеале ова, а посреќните успеале да избегаат во околните планински тврдини или, пак, во другите градови, како Тесалоника. Бажно е да се напомене дека популација сè до крајот на 19 век е рурална, односно, живее во селски населби. Па така, бранот на уништување на градовите од Словените и Аварите не ја дава вистинската слика за овие настани. Определен дел на населението се вратило во своите населби, било селски или урбани, и продолжило со својот живот, воспоставувајќи контакти со нивните нови соседи, Словените. Возможно е да дел од локалното христијанско население и целосно да го избегнало ова пљачкосување. Треба да се спомне и случајот на Сермесијаните, потомци на христијанското население од Балканот кое било заробено и преселено во Панонија, а подоцна се вратило и дел од нив се населиле во области каде биле населени и словенските племиња, како Драговитите. Дека значителен дел од локалното христијанско население опстојало, контактирало и потоа живеело заедно со Словените се забележува и во извори од почетокот на 9 век кога се зборува за мешани села во средновековна Македонија.

Откако се населиле на територијата на Македонија словенските племиња успеале да воспостават и поблиски политички односи со византиската власт. Во тој контекст може да се спомне словенскиот водач Хацон или пак Пребонд, рексот на Ринхините кои имале контакти со жителите на градот Тесалоника. Дел од словенските склавинии во средновековна Македонија имале обврска да дадат воена помош, се разбира доколку имало за тоа потреба, како на пример Драговитите или Стримонците. Од воена гледна точка тоа биле помошни одреди, чие оружје за војување бил лакот и стрелата. Вторите, Стримонците, дури влегле и во рамките на византиска воено-административна област клисура именувана како Стримон, која подоцна била подигната во ранг на тема. Но, и тогаш, Стримонците му давале на византискиот воен заповедник помошни одреди. Меѓутоа, воениот квалитет на овие одреди бил слаб, а желбата на Словените да ги почитуваат своите задолженија или мирот понекогаш не ни постоела, затоа што изворите укажуваат дека околните склавинии „само површно го одржуваа мирот.“

Сподели