Кои биле првите жени – доктори на науки на ПМФ?

Приказните за седумте жени, првите доктори на науки на Природно-математичкиот факултет во Скопје го одбележаа 8 Март, Меѓународниот ден на жената. На главните влезови на долната и горната зграда на ПМФ е поставена презентација која им оддава признание на првите жени – доктори на науки на овој факултет, од сите институти и од областа на сеизмологијата.

– Ова се првите жени – доктори на науки на секој од институтите на ПМФ. Периодов дојдовме до податоците за темите на нивните докторски дисертации, датумите на докторирање и за нивниот придонес во своите области. Уште еднаш, им благодариме што го пробивале патот за повеќе жени во науката и високото образование – велат од ПМФ.

Пионерките кои ја тапкале патеката на сите жени кои денес работат на ПМФ се:

– Јорданка Серафимова-Хаџишче (биологија).
– Радмила Ставриќ-Хрисохо (хемија).
– Весна Петреска (етнологија).
– Лилјана Јаниќијевиќ (физика).
– Вера Чејковска (Институт за физика – Сеизмолошка опсерваторија).
– Даница Перчинкова (математика).
– Павлина Михајловска (географија).

Во својата колумна во рубриката „Надреден знак“ на Умно.мк и Јуроп хаус Скопје, проф. д-р Наташа Ристовска, раководителка на Институтот за хемија пишува дека до пред 10 години во наставно-научно звање на ПМФ биле избрани 45,3 отсто жени, во академската 2022/2023 застапеноста е 48,8 отсто, а моментално наставно-научниот кадар го сочинуваат 52,2 отсто жени, што претставува позитивен пример за застапеност на жените во високото образование и природните науки. Во 2014/2015 година во наставно-научно звање биле избрани 32 отсто жени, денес 38,8 отсто од редот на редовни професори се жени, односно жените и девојките сочинуваат 46,2 отсто од наставно-научниот кадар на Институтот.

Во актуелниот мандат на факултетската управа на ПМФ денес учествуваат две продеканки, a од седум иснститути, шест раководители се жени.

Сподели