„Кога водата ќе секне“: Ретроспектива на 20 години творештво на Верица Ковачевска

Ретроспективната изложба „Кога водата ќе секне (When Water Runs Dry)“ со која уметницата Верица Ковачевска ќе одбележи 20 години творештво ќе биде отворена во четврток (16 октомври, 20 часот) Во Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Куратор на изложбата е д-р Ана Франговска, кустос-советник во Националната галерија.

Според Франговска, изложбата е ретроспективно-продуцирана целина по повод 20 години творештво на Ковачевска и опфаќа осум мултимедијални инсталации – видео, звук, просторни поставки, цртежи и партиципативни формати, распределени низ поединечните простории на Чифте амам.

– Водата е поставена како централна метафора и наративна нишка низ изложбата – како знак на живот и обновување, но и на исчезнување, меморија и загуба. Делата отвораат прашања за архитектонското наследство, урбаните трансформации, колективното сеќавање и екологијата на просторот, испреплетувајќи ги личните наративи со општествените контексти – вели Франговска.

Верица Ковачевска (1982, Скопје / живее и работи во Цирих, Швајцарија) е мултимедијална уметница чија практика се одликува со истражувачки пристап, работа со јавен простор и активно вклучување на публиката. Нејзините дела била претставена на бројни групни и самостојни изложби, како и на фестивали, меѓу кои: Музеј Тингели (Базел), Музеј на современата уметност (Скопје), Хелмхаус (Цирих), Музеј на современата уметност (Роскилде), Фондација Мерц (Торино), Манифеста 11 (Цирих), 4. Московско биенале и Урбан Фестивал 10 (Загреб). Ковачевска има диплома по визуелни уметности со театар и изведба од Универзитетот во Плимут и магистратура по уметности, култура и образование од Универзитетот во Кембриџ.

Добитничка е на бројни награди, грантови и резиденции. Од 2023 година е докторанд на Универзитетот HafenCity (Хамбург), каде што работи на пресекот меѓу уметничкото истражување, попреченоста и јавниот простор.

Изложбата во Чифте амам ќе биде отворена до 11 ноември.

Сподели