Во Чифте амам во Старата скопска чаршија утревечер во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Кога водата ќе секне (When Water Runs Dry)“ од Верица Ковачевска. Изложбата претставува ретроспективно-продуцирана целина по повод 20 години творештво на Ковачевска. Куратор е д-р Ана Франговска, кустос-советник во Националната галерија.
Поставката опфаќа осум мултимедијални инсталации – видео, звук, просторни инсталации, цртежи и партиципативни проекти – распределени низ поединечните простории на Чифте амам.
– Водата е поставена како централна метафора и наративна нишка низ изложбата – како знак на живот и обновување, но и на исчезнување, меморија и загуба. Делата отвораат прашања за архитектонското наследство, урбаните трансформации, колективното сеќавање и екологијата на просторот, испреплетувајќи ги личните наративи со општествените контексти – вели Франговска.
Верица Ковачевска (1982, Скопје / живее и работи во Цирих, Швајцарија) е мултимедијална уметница чија практика се одликува со истражувачки пристап, работа со јавен простор и активно вклучување на публиката. Нејзините дела биле претставени на бројни групни и самостојни изложби, како и на фестивали, меѓу кои: Музеј Тингели (Базел), Музеј на современата уметност (Скопје), Хелмхаус (Цирих), Музеј на современата уметност (Роскилде), Фондација Мерц (Торино), Манифеста 11 (Цирих), 4. Московско биенале и Урбан Фестивал 10 (Загреб). Ковачевска има диплома по визуелни уметности со театар и изведба од Универзитетот во Плимут и магистратура по уметности, култура и образование од Универзитетот во Кембриџ. Добитничка е на бројни награди, грантови и резиденции. Од 2023 година е докторанд на Универзитетот HafenCity (Хамбург), каде што работи на пресекот меѓу уметничкото истражување, попреченоста и јавниот простор.
Изложбата ќе биде отворена до 11 ноември.





