Кога некој си ја сака татковината, ги почитува традициите и обичаите, не фрла ѓубре по улица, почитува национални обележја, не само на државни празници, туку секој ден
Пишува: Даница Среткоска, средношколка
Денеска е Втори август. Тежина се чувствува во воздухот.
Иако топлите летни бранови ги вмешаа прстите, денес за нас Македонците, тежината ја дава самиот историски ден.
Втори август. Честа и гордоста на македонскиот народ. Симбол на издржливост, непокор, патриотизам…

Ако некој си ја сака татковината, тоа воопшто не е срамота, не е кривично дело. Тоа чувство треба да го има во сите нас.
Втори август секогаш буди убави спомени во мене.
На овој ден, со дедо ми, секогаш одевме да ја пречекаме коњицата во Крушево. Тоа славно Крушево.
Од дедо ми научив многу за македонската историја. За Гоце Делчев, Даме Груев, комитите, за ТМОРО, МРО, АСНОМ, за партизаните… Израснав не со приказни, туку со вистини за Македонија…

Кога некој си ја сака татковината, си го почитува народот, си ја знае историјата, си го негува јазикот, гордо го изговара името на Македонија, гордо го вее знамето, и од сè срце пее патриотски песни, не треба да се срами да ја искаже љубовта.
Кога некој си ја сака татковината, ги почитува традициите и обичаите, не фрла ѓубре по улица, почитува национални обележја, не само на државни празници, туку секој ден.
Кога некој си ја сака татковината, не треба да дозволи други да решаваат за неа, други да се мешаат во внатрешните политики…
„Но луѓето паметат колку сите наши соседи се единствени дека нема македонски народ и колку не се единствени чиј е тој народ, кому му припаѓа.“ Реченица која во целост ја опишува ситуацијата во која се наоѓа Македонија и народот воопшто.
И сега, додека ни негирате јазик, историја, постоење, како јас да верувам во вашите зборови или во зборовите од соседите кои не можат да се договорат чиј народ сме ние?

Како да се согласам со тоа дека не сме постоеле, кога двете Балкански војни се започнати за територијата на Македонија? Кога Охридската архиепископија која датира од 9. век сум ја посетувала секое лето од пет години до денес, кога во „Св. Наум Охридски“ сум фрлала паричка во бунарот за желби, кога Бигорскиот манастир ми е на дофат (за кој секаде е запишано дека постои повеќе од 1.000 години), кога од Самуиловата тврдина ги впивам убавините на Охрид, кога „Т’га за југ“ сè уште ја паметам?
Мојата намера не е да објаснувам што претставува Илинденското востание, тоа секој (треба да) го знае, онака правилно, по ред.
Намерата ми е да потсетам на вистините, да ги растргнам „заблудите“ токму на овој ден, кој се празнува скоро век и половина.
„И да го мените светот, не менувајте го своето минато, никаде не одете без него“, вели дедо.
Честит Илинден!






