Пишува: Трајче Кацаров

За претставата „Работи за кои не зборуваме“ во режија на Нела Витошевиќ, продукција „Вондерленд театер“ во копродукција со МНТ

Стравот е конфорно живеење, храброста е немир. Ако сакаш да живееш во мир, стравувај. Ако сакаш животот да ти биде разбранувано море, биди храбар. Една ученичка во гимназијата реши да го победи стравот, односно мирниот живот меѓу сокласниците. На класен час (така се евидентираат часовите во кои учениците пред класниот раководител ги изјавуваат проблемите и заеднички ги решаваат) ученичката од третата клупа во средната редица изјави дека двајца ученици од класот, за време одморите, и покрај нејзиното негодување, ја допирале за градите. Учениците добија укор пред исклучување. Драмата ја доби својата точка на препознавање за време одморот. Кога обвинетите скокнаа врз неа како разјарени пси, не им се уплаши, не викна да плаче. Ѝ беа смешни. Ѝ беа смешни нивните наострени заби, наострените нокти и изобличените фаци од гнев. Гласно им се смееше. Никогаш не разбравме зошто го излажа класниот раководител.

На оваа случка се сетив после претставата „Работи за кои не зборуваме“. Во истата, преку изјавата на четирите женски и двајцата машки лика, дознававме за нивните лични и пренесените доживувања. Пренесени од медиумите, книгите, театарските претстави, кинокреациите и социјалните мрежи. Сценската изјава, без драмска структура, низ монолози, одвреме навреме, по некоја дијалошка форма, ја еманираа актери од социјален ентитет или актери раскажувачи. Тоа само по себе не ја намалуваше нивната креација, туку ù подаваше тоналитет кои ја правеа чујна и разбирлива. Исповедите беа елементи од интимниот живот на ликовите. Сите почиваа на одбраната на дигнитетот на личноста. Жените за губењето на слободата во изборот и одговорноста, вината ја наоѓаа кај мажите. Мажите колку што можев да разберам за своите идентитетски кризи го окривуваа Господ. Можеби затоа женските протагонисти беа покатегорични од машките.

Мајка ми велеше лицето не е ѓон. Основна задача на секој маж/жена е да го зачува неизвалкано. Тоа најмногу се забележува во малите, патријахални средини. Во нив жената треба да му служи на мажот, овој пак да ја заштитува од неприликите на патот на животот. Колку таа ќе му служи, толку тој ќе биде нејзина заштита. Во животот на современиот човек некои работи се изменети, поготово тие за кои не треба да се зборува. Жената сè повеќе е слободна во изборот и одговорноста. Таквата независност ја прави моќна. Па, сепак, запаѓа во неприлики, на моменти поради тоа што мажите се физички посилни, на моменти поради што го имаат „брашното во крвта“.

Најчесто меѓусебните односи на родителите децата ги земаат како градиво во комуникациски врски. Воспитанието, не исклучувајќи го образованието, се јавува како морална норма преку која се дефинира себството и културата во дијалогот.

Оваа претстава преку суптилната психолошка игра, мизансценот (прикажани во минус постапка) го наведува гледачот не да ја разбира, туку да ја доживува. И како што би рекла Тoкарчук за еден од романите на Томас Ман, дејството во неа се развива небаре епидемија која ги допира сите што ù се во близина.

Ваквиот модел на театар се наметнува на сегашноста. Самиот по себе најексплицитно зборува дека гледачот како активен учесник, кога оди на театар оди како на работа. Оди да го создаде светот, што би рекла Токарчук (повторно ја споменувам) како холографски филм во кој станува дел од самата проекција.

Фото: Кире Галевски

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.