Идејата беше во весникот да претставиме успешни приказни од училиштето и од нашата средина, вели наставничката по македонски јазик Милева Манчиќ-Пауновска
Основците од скопското училиште „Вера Јоциќ“ неодамна го објавија првиот број на списанието „Мозаик“. Тие имаат редакција како вистински медиум. Предводени од својата наставничка по македонски јазик, Милена Манчиќ-Пауновска го „извадија“ првиот број на 36 страници, а покрај електронското издание, направија и печатена верзија. Како дел од проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“ поддржан од УСАИД тие ја освоија првата награда на ниво на училишта. Наградата им беше врачена минатата недела во Македонскиот инститиут за медиуми.

На доделувањето на наградата
– Идејата беше во весникот да претставиме успешни приказни од училиштето и од нашата средина. Би сакале да продолжиме со работата на клубот и да можеме да издаваме барем по еден број во полугодие, но за тоа ќе видиме како ќе се одвиваат работите – вели Манчиќ-Пауновска.
Пред 6-7 месеци тие одговориле на повикот за основање медиумски клубови во основните и во средните училишта, како дел од проектот „Младите размислуваат“ на УСАИД, МИМ и МОФ. Аплицирале и добиле поддршка.

– Така почна приказната. Собрав екипа деца кои покажаа интерес да работат. Дел од работата на клубот беа 24 часа од медиумска писменост за кои имавме насоки од МИМ. Во рамките на овие часови беа одржани работилници, учениците беа запознаени со основите на новинарството и медиумската писменост, имавме средби со новинари-професионалци од кои многу научивме. Напоредно работевме и на неколку медиумски производи. Почнавме со јутјуб-канал, потоа направивме наша веб-страница и како круна на нашата шестмесечна работа излезе првиот број на весникот „Мозаик“ – објаснува наставничката.
Имаат редакција по примерот на вистинските медиуми. Членовите на новинарскиот клуб се комплетни автори на содржините и на јутјуб-каналот, и на веб-страницата и на весникот.

– Идеите се нивни, на учениците, како и реализацијата, јас само ги координирав и им помагав. Немавме баш некој строг концепт, планови и идеи имавме многу, но не секогаш успевавме да ги исполниме. Така сè што ќе успеевме да го снимиме, напишеме го објавувавме – раскажува Манчиќ-Пауновска.
Кај учениците ентузијазмот и интересот на почетокот бил навистина голем, некогаш паѓал, па растел, некогаш едноставно немало време да се направат некои работи.
– Обично тие деца што имаат интерес и се успешни, успешни се во сè, па истите се најчесто ангажирани на сите полиња. Позитивни беа реакциите од колективот и од родителите, но особено сум среќна што дел од моите бивши колеги со кои работев во времето кога бев дел од медиумите го поздравија овој труд и ова идеја, а тоа особено ми значи – вели Манчиќ-Пауновска.

Таа има долгогодишно искуство како наставничка по македонски јазик, па со години работевте како лектор во дневниот весник „Дневник“, во списанијата „Жена“, „Форум“ за повторно да се врати во образовниот процес. Оваа комбинација од искуства влијаела на нејзината вклученост во овој проект.
– Од долгогодишното искуство во печатените медиуми научив по нешто, сепак не е исто да си дел од процесот и да си тој што ја води работата, особено што станува збор за деца. Токму поради таа некогашна моја работа со професионалци, можеби и премногу очекував од учениците, сепак на крајот сите бевме задоволни од сработеното, иако постојано си наоѓаме грешки и забелешки дека можело и поинаку.

Според Манчиќ-Пауновска, вакви школски иницијативи особено во употребата на македонскиот јазик и развојот на медиумската писменост се многу важни. Таа посакува да се зголеми читачката култура кај учениците, па и во нивните семејства и кај наставниците.
– Мислам дека сите сакаат да прочитаат нешто за некого што го знаат, за своите другари, соседи, соученици, па затоа и се занимававме со локални теми и јунаци. А со читањето и јазикот го негуваме. Во работава со клубов забележав една работа – учениците најмногу сакаа да снимаат видеа – интервјуа, разговори итн., но потешко им одеше кога требаше да се „симнат“ тие интервјуа, да се напишат. Немаат трпение за нешто подолго и сакаат резултатот веднаш да го видат. Сепак, на овој начин се вежба јазикот и правилното зборување и пишувањето. Исто така, важно е учениците да знаат да разликуваат вистинска од лажна информација, да знаат да не наседнуваат на лажни вести, да проверат повеќе извори, едноставно да се медиумски писмени – децидна е таа.

На прашањето кои исти јазични грешки најчесто ги прават и искусните новинари и учениците, Манчиќ-Пауновска одговара:
– Сите грешиме, па тоа и не е страшно, и јазикот треба да се менува, модернизира, но не и да се сквернави. Учениците грешат, но и лесно учат и прифаќаат како треба ако има кој да им каже и да ги научи. А медиумите, од кои младите треба да го учат јазикот, понекогаш го прават најголемиот грев што не внимаваат или, пак, сервираат еден чуден македонски јазик со туѓи конструкции, лош акцент. За среќа има и такви што навистина го негуваат македонскиот јазик со што покажуваат дека го сакаат и него и својот народ.





