Кога говорам за Слоештица, ми светнуваат очите – одбележани 20 години „Арт Поинт – Гумно“

„Луѓето ми велат, кога говорам за Слоештица, ми светнуваат очите како на некој вљубен! И во право се! Веќе подолго живееме во времето за кое предупредил и Иво Андриќ велејќи: ,Доаѓа така понекогаш време кога паметните молчат, будалите зборуваат, а фукарата се збогатува’, време кога интелектуалците, научниците, индивидуалците… полека, но сигурно се маргинализираат… Живееме во време што главите што стрчат ги покосува не со сабја, ами со некои нови чудни методи, иронично спакувани во панделки на кои пишува: ,демократија’ и ,слобода на говор’. Живеме во време кога уметниците мора да жонглираат со политичката коректност за да избегнат да бидат спалени на уште една клада на историјата. Но, за среќа, постојат острови на слободота, онаа личната, каде што во синергија со природата секој уметник може да создава, а воедно, и да ужива во неа. ,Арт Поинт ‒ Гумно’ во Слоештица е едно од тие места и се надеваме дека ќе ни потрае!“, рече писателката Јулијана Величковска на отворањето на изложбата „Убавина уловена пред да исчезне“ во Офицерскиот дом во Битола со која почна одбележувањето на 20 години од основањето на „Арт Поинт – Гумно“. На поставката се изложени 65 слики, скулптури и фотографии, низ кои провејува убавината што уметниците ја доживуваат за време на гостувањето на визионерската рожба на семејството Андреевски – Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт – Гумно“.

– Внимателно погледнете ги овие чудесни дела и потем престорете се во плен, дозволете да ве пленат, целосно предадете им се, „слушнете“ ја нивната приказна за Слоештица и за Македонија, раскажана низ очите на уметниците од големите уметнички центри како што се Берлин и Њујорк, но и од други места од САД, од Бразил, од Унгарија, од Словачка, од Чешка, од Шкотска, од Данска, од Хрватска, од Србија, од Австралија… како и нашинците од Скопје, од Битола… Дозволете си да ве понесат живите бои и деликтаните текстури на едно уметничко патешествие ‒ 20 години наназад во времето. Поддршката на современите уметници е важна, и од институциите, но и од нас, само сплотени ќе ја заштитиме нашата индивидуалност, и само така ќе успееме да ја зачуваме постоечката и да создаваме нова убавина, никогаш не дозволувајќи да исчезне – рече Величковска.

 

Сподели