Како, во овие услови, кога има дистанца, со маски, да се одржи театрскиот живот, а театарот е важен? Многу важно е што ќе се случи, ако театарот стана одвишен, ако луѓето се одвикнат да доаѓаат во театар, ако глумците глумат во ТВ-серии, филмови? Што ќе се случи со културата на народите, тоа е прашањето? Затоа секоја земја мора енергично да се бори, со примена на мерки да го одржи театарот во живот. Ако го изгубиме театарот тогаш ја губиме културата – рече Александар Милосављевиќ, театролог од Србија на вчерашната трибина што се одржа во рамките на 55. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

На фестивалот се почитуваат сите мерки, а публиката е дисциплинирана, посочи тој.

– Организаторите на фестивалот, заедно со театарот домаќин направиле сѐ публиката да се чувствува безбедно… Во Србија, од каде доаѓам, имам различно искуство. Имавме фестивали организирани со полни сали, а има и фестивали со половина и не знам дека фестивалот бил жариште – рече Милосављевиќ.

Александар Милосављевиќ, Катарина Коцевска Хаџи Василева и Александар Спасов-Дац

Катарина Коцевска Хаџи Василева, уметнички директор на фестивалот, посочи дека ковид-19 особено го погоди театарот.
– Нашата уметност е жива, изведувачка, актерите се соочени со жив контакт, мора да разменат збор, сето тоа што е небезбедно. Пробавме да играме со маски, но е доста попроблематично. Потребно е да најдеме решение да го надминеме проблемот. Имено, публиката е најбезбедна во театарот со тоа што е на дистанца, се носат маски и не зборува за време на претставата. Целиот протокол тече – маски, дезинфекција, мерење температура… Како театри ќе покренеме иницијатива да имаме барем 50 проценти публика, затоа што со 30 проценти не можеме да функционираме. Претставите ќе течат, но финансиски голем проблем е за одржливоста на театарот. Еве нашиот фестивал е пример, сѐ тече беспрекорно со дозволениот број на публика“

Актерот Драган Спасов Дац, вели дека ним, на актерите им било најтешко.
– Оваа професија бара публика. Ние порано за малку луѓе не игравме претстава. Глумецот кога ќе застане на сцена и ќе го каже текстот поинаку звучи пред публика, друго е кога неа ја нема. Тогаш текстот се губи низ салата. Тешко е и за публиката која сака театар, тешко е и за глумците кои се на сцената… Театарот е убав кога е полн, кога мириса на театар, мириса на убави парфеми, на кармини, кога шушкаат здолништа и аплаудира публиката, а ние се поклонуваме долго“.

Фотографии: МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.