Книжевна вечер со Фросина Пармаковска во „Спона“

Книжевна вечер со Фросина Пармаковска ќе се одржи вечерва во 19 часот во Српскиот културно-информативен центар „Спона“ во Скопје. Средбата е посветена на српското издание на романот „Одбројување“, за којшто Пармаковска ја доби наградата „Роман на годината“ за 2017 година. Преводот од македонски на српски јазик е на Миќена Илиќ, а е во издание на реномираната издавачка куќа „Градац“, со финансиска поддршка од европската мрежа за литература и превод „Традуки“. Ова беше прв превод за Пармаковска на српски јазик.

Со свои видувања на настанот ќе говори и книжевникот и програмски директор на „Спона“, Милутин Станчиќ. Модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски. Во рамките на средбата ќе се оствари разговор со Пармаковска во којшто со прашања ќе може да се вклучат и присутните.

„Градац“ е издавачка куќа со неколкудецениско постоење, а романот „Одбројување“ влегува во едицијата „Лаѓа“, во која се застапени делата на познати автори, како Светислав Басара, Мухарем Баздуљ, Влада Урошевиќ и други. Патувањето на романот до српскиот превод е приказна сама по себе: првично, идејата настана откако еден монах му ја дал книгата на друг монах што живее во Србија и кој само што ја прочита имал голема желба таа да стане достапна за српската читателска публика.

Сподели