Македонската поетеса Гордана Михаилова-Бошнакоска и поетот Аднан Озер од Турција се добитници на признанието „Книжевен жезол“ што го доделува Друштвото на писатели на Македонија за значаен поетски опус. Плакетите и статуетките „Книжевен жезол 2022“ ќе им бидат врачени на манифестацијата „Празник на липите“, а ќе биде подготвен и избор од нивната поезија, на македонски, турски и англиски јазик.

Михаилова-Бошнакоска е поетеса, раскажувачка, есеистка. Родена е во Битола (1940 год.). Школувањето го започнала во Скопје, од основно до завршување на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Работела во Македонската телевизија, како уредник на емисии од културата.
Објавила четиринаесет книги поезија. Првата е „Времето го нема“ (1965), а најновата е „Куќа во куќа“ (2021), како и збирка раскази „Босфорско лето“ и романот „Потрага по приказна“. Застапена е во сите прозни и поетски антологии во Македонија и во странство, во звучната антологија на македонската поезија, што ја издаде „Радио Скопје“, во тематски антологии, како и во јубилејните изданија на Струшките вечери на поезија. Добитничка е на многу награди, члрнува во ДПМ од 1964 година и член на македонскиот ПЕН центар.

Аднан Озер е поет, преведувач, книжевен критичар, есеист, уредник, издавач. Роден е во 1957 година во Газиоглу (Текирдаг, Турција). Последниве неколку години е директор на Интернационалниот истанбулски поетски фестивал и претседател на Здружението за поезија во Истанбул. Автор е на книгите: „Огнена флејта“ (1981), „Смртта на ѕвонецот“ (1983), „Мапа на времето“ (1991), „Избрани песни“ (1994), „Збогум поезијо“ (1998) и други. Покрај поезија, има објавено и роман и две книги за деца. Добитник е на голем број национални и меѓународни награди и признанија. Превел голем број дела од шпански на турски јазик, меѓу кои се истакнуваат препевите на Октавио Паз, Ф. Г. Лорка, Рубен Дарио, а има подготвено и посебни монографии за Виктор Жара и Фернандо Песоа. За препевот на стиховите на Пабло Неруда ја добил наградата „Свет“ во 2020 година. Избори од неговата поезија се објавени на португалски, романски и македонски јазик. Неколку пати учествувал на СВП и на Рациновите средби.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.