Книжевен клуб во Europe House Скопје со Владимир Мартиновски

Во просториите на Europe House Скопје денеска во 18.30 часот ќе се одржи Книжевен клуб што ќе го води проф. Владимир Мартиновски. Планирани се три средби, а првата е посветна на „Бизарни раскази“ од Олга Токарчук, во превод на Лидија Танушевска, издание на „Антолог“.

– По примерот на големите книжевни европски метрополи Париз, Берлин, Прага, Рим сакаме да создадеме патувачка машина која ќе нè понесе на истражување на европските земји и култури. Летото е идеално за нови мисловни патувања и полнење на креативните батерии. Затоа го креиравме нашиот Книжевен клуб во кој ќе почнеме разговор за книгите, но тој ќе води до подлабоки позначајни врски кои секогаш формираат доживотни пријателства. Придружете ни се и откријте широк спектар на нови книги, нови автори, нови пријатели, запознајте се со авторите, со преведувачите и на крајот дознајте и нешто ново за себе – велат од Europe House Скопје.

Книжевниот клуб се одржува во рамките на „Вавилон“ – награда за најдобар млад книжевен преведувач, а ќе го води проф. Владимир Мартиновски, поет, раскажувач, есеист, теоретичар, преведувач и амбасадор на наградата „Вавилон“ за млад книжевен преведувач. Тој е професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Мартиновски е и сликар и љубител на музиката.

Сподели