Книжевноста како поле за културна размена – завршна конференција на проектот РЕАД

Завршната конференција на 4-годишниот проект „Регионална мрежа за културна разновидност“ (РЕАД) ќе се одржи на 6. јуни, во Скопје. Проектот е финансиран од Европската Унија, а целта беше да поврзе 5 земји преку културна размена во областа на книжевноста.

В четврток во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје во 9.30 часот во првиот дел од официјалната агенда ќе се обратат евроамасадорот Дејвид Гир, германската амбасадорка Петра Дрекслер, раководителката на Гете-институт во Скопје, Катрин Оствалд-Рихтер и проектниот менаџер на ЕУ проектот РЕАД, Марија Чорбева-Пеновска.

– Целта на регионалниот ЕУ проект РЕАД беше да промовира вештини за читање меѓу различните култури и демократски вредности преку зголемување на интересот за читање, ставајќи на располагање висококвалитетни книжевни дела од регионот. Регионалниот проект опфати проекти од земјите: Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија и Турција – велат организаторите.

Конференцијата ќе се одвива два дена, а во агендата се предвидуваат разговори со панелисти кои беа дел од проектот, а ќе говорат на најразлични теми: „Како проектот РЕАД влијае на регионот во однос на помирувањето и меѓукултурната писменост“, „Зајакнување на културниот сектор преку соработка со владините и невладините организации“, „Улогата на културата и нејзината отпорност во градењето и одржувањето на односите меѓу земјите“, „Можности за финансирање со фокус на млатите“, „Вештачката интелигенција во литературата и издаваштвото“ итн.

Проектот во периодот 2020-2024 го спроведуваше Гете-институт Скопје заедно со партнерските организации: Центар за балканска соработка – ЛОЈА од Северна Македонија, Instituti I Librit dhe I Promocionit од Албанија, Kalem Culture Association од Турција, Association Krokodil од Србија и Qendra Multimedia од Косово.

Сподели