Во Скопје книжевна средба со хрватскиот поет Давор Шалат

Во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи книжевна средба со еминентниот хрватски поет, книжевен критичар, есеист и преведувач од шпански јазик, Давор Шалат. Повод за средбата е објавувањето на избор од неговото поетско творештво со наслов „Ноќта се мие од светлина“, во издание на „Макавеј“ од Скопје. Изданието ќе го претстави Владимир Цветкоски, главен уредник на „Макавеј“, а на поезијата на Давор Шалат ќе се осврне поетесата Весна Ацевска, која го направи преводот на македонски јазик. Специјален гостин на настанот е реномираната хрватска поетеса Лана Деркач, која е авторка на фотографијата на корицата. Изданието е поддржано од македонското Министерството за култура.

Давор Шалат (Дубровник, 1968) е автор на седум стихозбирки (Внатрешен допир, 1992; Сновиденија на кревкото сонце, 1999; Кошула на тишината, 2002; Приспивна песна под пепелта, 2005; Murmullo sobre el asfalto / Шепот над асфалтот, Мексико, 2008, заедно со Лана Деркач; Толкување на зимата, 2009; и Ѕвезди, дамнешни лица на спасените, 2019). Објавил и шест книги со есеи и критики, главно за современи хрватски поети. Носител е на значајни книжевни награди за поезија и критика, учествувал на многубројни хрватски и меѓународни поетски средби и фестивали и на научнoкнижевни собири. Негова поезија, книжевна критика и есеистика е објавена во многубројни домашни и странски литературни списанија.0 Застапен е во повеќе антологии и панорами на современата хрватска поезија во земјата и во странство. Учесник е во изработката на Лексикон на хрватската книжевност – Дела. Член е на Управниот одбор на Друштвото на хрватските писатели и главен уредник на списанието за меѓународна книжевна соработка Мост / The Bridge на Друштвото на хрватски писатели и член на Редакцијата на списанието Коло на Матица хрватска.

Сподели