Академик Влада Урошевиќ и неговата книга „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ што ја доби наградата „Роман на годината“ е во фокусот на Книжевниот клуб кој утревечер во 19 часот ќе се одржи во Europe House Скопје. Клубот се организира во рамките на „Вавилон“ наградата за најдобар млад книжевен преведувач, а го води Владимир Мартиновски, поет, раскажувач, есеист, теоретичар, преведувач, професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
– По примерот на големите книжевни eвропски метрополи Париз, Берлин, Прага, Рим сакаме да создадеме патувачка машина која ќе нè понесе на истражување на европските земји и култури. Затоа го креиравме нашиот Книжевен клуб во кој ќе го започнеме разговорот околу книгите – но, тој води до подлабоки позначајни врски кои секогаш формираат доживотни пријателства – велат од Europe House Скопје.
За присуство на утрешната сесија потребно е да се пријавите најдоцна до вечерва на: euhinfo@euhouse.mk.





